Силно невреме проследено со град и силен ветер денеска предизвика значителни штети во неколку региони на австриската покраина Тирол. Најпогодени биле општините во окрузите Швац и Кицбил, каде што противпожарните служби имале полни раце работа со отстранување на последиците од бурата.
Во местото Фиген, во долината Цилертал, невремето било особено интензивно. Надојдени потоци низ централните улици го поплавиле дел од населеното место, а градот со големина на орев искршил стакла на бројни автомобили. По невремето, на повеќе локации во општината останал дебел слој град кој морал рачно да се расчистува со лопати, а на одредени места биле ангажирани и багери за да се овозможи нормализирање на сообраќајот.
Во регионот околу Пил и Вер, силниот ветер урнал повеќе дрвја, при што биле оштетени неколку патишта и објекти. Противпожарните екипи излегле на терен на повеќе интервенции во доцните попладневни часови, особено во поширокиот реон на Кицбил, каде што имало пријави за навлегување на вода во објекти и подруми.
Надлежните служби апелираат на зголемена претпазливост и најавуваат дека доколку продолжат нестабилните временски услови, ќе се активираат и дополнителни тимови за поддршка во расчистување на теренот.