Присуството на американскиот претседател Доналд Трамп на лидерскиот самит на НАТО донесе радикална промена во однос на претходните години – фокусот беше преместен од поддршката за Украина кон јакнење на одбранбените капацитети на алијансата, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на прес-конференција во Хаг.
– Ако треба да ја сумирам целата разлика помеѓу овој и минатите три самити во НАТО, би го направил тоа со само два збора – Доналд Трамп – порача Сијарто, пренесува унгарската агенција МТИ.
Според него, враќањето на Трамп на власт донело целосен пресврт во реториката и агендата на Алијансата, дозволувајќи отворање на теми кои претходно биле табу.
– Сега конечно секој може да ги користи зборовите мир, прекин на огнот и мировни преговори без да биде нападнат или осуден. Тоа е клучната разлика – истакна Сијарто.
Тој додаде дека самитот, за првпат по долго време, го вратил фокусот на самата Алијанса и зајакнувањето на трансатлантските одбранбени капацитети.
– Со Доналд Трамп, на дневен ред конечно беа НАТО и трансатлантската безбедност, а не неостварливи ветувања за членство на Украина – изјави шефот на унгарската дипломатија.
Сијарто се осврна и на завршната декларација, нарекувајќи ја „невообичаено кратка“, но содржајна.
– Иако има само осум страници, завршната изјава кажува многу повеќе од претходните. Повторно се потврдува посветеноста на членките кон член 5, заедничката одбрана, но и член 3, кој се однесува на обврските за национално одбранбено јакнење – нагласи Сијарто.