Пит Хегсет беше потврден за нов министер за одбрана на САД со тесно мнозинство во петокот, што означи голема победа за претседателот Доналд Трамп по жестокото противење од демократите, па дури и од некои републиканци за кандидатурата на Хегсет.
Педесет сенатори гласаа за Хегсет за министер, додека педесет беа против.
Бидејќи резултатот од гласањето беше изедначен, исходот требаше да го реши потпретседателот Џеј-Ди Венс, кој преовлада во корист на Хегсет.
Хегсет (44), поранешен водител на Fox News и одликуван ветеран, ветува големи промени во Пентагон.
Од објавувањето на неговата кандидатура, критичарите ги доведуваат во прашање неговите квалификации за оваа работа, укажаа на неговиот проблематичен темперамент, како и неговите поранешни ставови за жените во борбените единици.
Во текот на процесот на одобрување на неговата кандидатура, се појавија низа обвинувања против Хегсет.
На пример, неговата поранешна снаа рече дека Хегсет ја малтретирал својата втора сопруга, што Хегсет го негираше, додека неговата сопруга, исто така, претходно негираше какво било физичко малтретирање.
Хегсет е обвинет и за прекумерно пиење и финансиски малверзации во организациите на ветераните.
Тој вети дека ќе се воздржи од алкохол доколку биде потврден како министер и признае грешки во финансиското управување, но негираше дека сторил нешто лошо.
Сите демократски сенатори гласаа против кандидатурата на Хегсет, но и тројца републикански сенатори.
Меѓу нив е и Мич Меконел, кој до овој месец беше лидер на републиканците во Сенатот.
Ова беше само втор пат во историјата за кандидат за министерско место да се одлучува со гласање на потпретседателот.
Тоа се случи за прв пат во 2017 година кога Бетси ДеВос стана секретар за образование во администрацијата на Трамп.