Јавната обвинителка Фатиме Фетаи изјави дека Обвинителството не бара одмазда, туку правда што ќе спречи идни трагедии и ќе испрати силна порака дека човечкиот живот е неприкосновен.
Таа говореше по денешната јавна седница пред Апелациониот суд во Скопје, на која се разгледуваше случајот за смртта на Фросина Кулакова.
– Преку барање на повисока казна, не бараме освета, бараме правда која ќе спречи идни трагедии, правда што ќе испрати јасна порака дека човечкиот живот е неприкосновен – изјави Фетаи.
Таа објасни дека ставот на Вишото јавно обвинителство е жалбата на Обвинителството да биде уважена, а жалбата на одбраната да биде одбиена како неоснована.
– Првостепената пресуда со која обвинетиот Васил Јованов е огласен за виновен треба да биде преиначена, на начин што истиот ќе биде осуден на повисока казна затвор. Максимумот за ова дело е 20 години – нагласи обвинителката.
Фетаи додаде дека судската пракса не може да биде единствено мерило, бидејќи секој случај е уникатен и бара разгледување на сите околности, вклучително и на личноста на сторителот.
– Казната затвор не е само бројка, туку став — одраз на тоа какви вредности како општество ги штитиме – додаде таа.
Таткото на трагично загинатата Фросина Кулакова изјави дека очекува Апелациониот суд да ја исправи неправдата и конечно да стави крај на, како што рече, „озлогласената пракса на минимални казни за најтешките сообраќајни злосторства“.
– Како е можно во земја каде секојдневно гинат луѓе на улиците, да нема ниту еден случај со максимална казна? Тоа не е случајност, тоа е корупција што ја изеде правдата. Апелациониот суд мора да го исправи ова беззаконие – рече Кулаков.
Тој најави и поднесување кривични пријави против судијките Даниела Алексовска и Снежана Марковска, како и претставка до Судскиот совет за нивно разрешување.
Мајката на Фросина Кулакова, видно потресена, истакна дека на денешната седница се зборувало само за обвинетиот, а никој не ја споменал нејзината ќерка.
– Повеќе од четири часа слушавме колку млад и успешен спортист бил Васил Јованов, а никој не ја спомена Фросина. Каде сме ние? Ние сме духовни инвалиди станати – рече мајката.
Таа го оспори признанието на вина како олеснителна околност.
– Какво е тоа каење кога првиот ден во притвор се снабдува со мобилен телефон? Тоа не е искрено каење, тоа е манипулација за да добие пониска казна. За мене 12 години се ништо. Ништо нема да ја врати. За еден човечки живот, тоа е премалку – додаде таа.
Инаку, Основниот кривичен суд – Скопје на 13 мај годинава го осуди Васил Јованов на 12 години затвор, откако тој призна вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката во јануари, кога на булеварот Партизански одреди ја прегази Фросина Кулакова.
Семејството, Обвинителството и јавноста сега очекуваат од Апелациониот суд одлука која, како што велат, ќе биде тест за довербата во правосудството и почитта кон човечкиот живот.