Претседателот на САД, Доналд Трамп, во понеделникот потпиша извршна наредба со која се укинуваат голем дел од економските санкции на САД кон Сирија, исполнувајќи го ветувањето што го даде на новиот привремен лидер на земјата, објави Асошиејтед прес.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека оваа мерка има за цел „да го поттикне и да го поддржи патот на земјата кон стабилност и кон мир“.
Според вршителот на должноста заменик-секретар за борба против тероризмот и финансиско разузнавање при американското Министерство за финансии, Бред Смит, наредбата е наменета да ја „прекине изолацијата на земјата од меѓународниот финансиски систем, создавајќи услови за глобална трговија и за привлекување инвестиции од соседните земји, како и од САД“.
Остануваат санкциите против Асад и против дилерите
Мерките од понеделникот не ги укинуваат санкциите воведени против симнатиот претседател Башар ал-Асад, неговите најблиски соработници, членови на семејството и официјални лица кои се обвинети за кршење на човековите права, учество во трговија со дрога или за вклученост во програмата за хемиско оружје на Сирија.
Исто така, останува на сила и клучен пакет санкции, донесен од Конгресот, кои се однесуваат на сите што работат со сириската војска, разузнавачки служби или со други спорни институции. Иако администрацијата на Трамп има донесено привремени ослободувања од тие санкции, познати како „Цезар акт“, тие можат трајно да се укинат само со закон.
Белата куќа го објави текстот на наредбата на мрежата Икс откако таа беше потпишана, без присуство на медиумите.
САД во мај ѝ одобрија на Сирија значајни изземања од санкции, што беше прв чекор кон исполнување на ветувањето на претседателот Трамп да стави крај на половина век санкции врз земја која е разрушена од 13-годишна граѓанска војна.
Заедно со укинувањето на економските санкции, извршната наредба од понеделникот ја укинува и вонредната состојба, наведена во претходна наредба на поранешниот претседател Џорџ В. Буш, која се однесуваше на окупацијата на Либан од страна на Сирија и на нејзината потрага по оружје за масовно уништување и ракетни програми. Дополнително, укинати се и 5 други претходни извршни наредби, поврзани со Сирија.
Санкциите, насочени кон терористички групи и производители и дилери на каптагон (стимуланс сличен на амфетамин), ќе останат на сила.
Трамп се сретна со привремениот лидер на Сирија, Ахмед ел-Шара, во Саудиска Арабија во мај, и тогаш му вети дека ќе ги укине санкциите и дека ќе разгледа можност за нормализирање на односите – што претставува голем пресврт во американската политика кон Сирија.
– Ова е уште едно ветување што е исполнето – изјави Ливит во понеделникот.
Европската Унија исто така ги укина речиси сите преостанати санкции кон Сирија.
Некои ограничувања остануваат на сила
Сепак, одредени ограничувања остануваат на сила. САД сè уште ја третираат Сирија како држава спонзор на тероризмот, а групата – предводена од ал-Шараа – е сè уште означена како странска терористичка организација.
Официјален претставник на Стејт департментот изјави дека овие ознаки се предмет на тековна ревизија.