Само неколку дена откако Мексиканката Фатима Бош ја освои титулата Мис Универзум во Бангкок на 21 ноември, учесничката од Хаити Мелиса Сапини одлучи да проговори за она што таа го нарекува хаотично и вознемирувачко искуство зад сцената.
Во ексклузивно интервју за People, поранешната Мис Масачусетс САД и овогодишна претставничка од Хаити изнесе низа шокантни тврдења – од предупредувачки знаци од организацијата до масовни хоспитализации на учесничките за време на тридневниот престој во Тајланд.
За Сапини, натпреварувањето на Мис Универзум било сон што го градела со години, но реалноста, според неа, била далеку од гламурозна.
– Секој ден беше нешто. Секој ден девојките си шепотеа една на друга: „Дали е ова нормално? Дали сум луда?“ Имаше толку многу предупредувачки знаци од самиот почеток – се сеќава таа.
Неконтролираните инциденти кулминираа на 4 ноември за време на пренос во живо, кога јавноста можеше да биде сведок на жестока расправија помеѓу извршниот директор на изборот за убавина Нават Ицарагриси и тогашната Мис Мексико Фатима Бош. Според Сапини, токму тој момент им дал до знаење на натпреварувачките дека нешто не е во ред. Илузијата за уреден и професионален избор за убавина исчезнал.
Девојките паѓаа како муви
Скандалите биле бескрајни: закани за дисквалификација, наводно несоодветни услови, масовни хоспитализации, сомнежи за регуларноста на изборот на финалистки и повлекување на тројца членови на жирито, вклучувајќи ја и принцезата Камила ди Борбоне деле Ду Сицилија.
– Девојките паѓаа како муви. Луѓето беа болни лево и десно – тврди Сапини, забележувајќи дека натпреварувачките ги поминувале деновите помеѓу пробите и медицинските прегледи – сето тоа со страв дека тоа ќе го загрози нивниот пласман.
Она што најмногу ја погодило, вели таа, било тоа што никој не се осврнал на причината за нивните здравствени проблеми.
– Ни даваа спакувани ручеци што нè разболуваа. Никој не рече: „Добро, ќе ја смениме храната“. Тоа ме исплаши.
Сомнежите за регуларноста се зголемија уште повеќе кога членовите на жирито почнаа јавно да излегуваат, тврдејќи дека финалистките биле избрани однапред, дури и пред прелиминарната рунда – обвинувања што организацијата Мис Универзум ги негираше.
Поминавме низ пекол
Сето ова, вели таа, скршило многу натпреварувачки кои размислувале да го напуштат Тајланд.
– Го посветив мојот живот на оваа организација. И потоа сето ова се случува… Поминавме низ пекол. Бевме исцрпени, болни, не спиевме… И на крајот, сфаќате дека резултатите можеби не биле во ваши раце – се сеќава Мелиса.
Таа, исто така, ги наведува сериозните лични жртви што ги направиле натпреварувачките – од земање отсуство од нивните универзитети до тоа да бидат одвоени од своите деца и семејства еден месец.
– Тоа е апсолутно лудо. Се откажувате од сè за еднаква можност, а дури ни тоа не го добивате.
Во моќна порака до организаторите на крајот од интервјуто, таа вели: „Се мешате во нашите животи и нашата иднина. Ако можете да ни го правите ова нам, што ли ќе им правите на следните девојки?“




























