Соединетите Американски Држави привремено го суспендираа разгледувањето на голем двопартиски пакет санкции против Русија, во време кога се очекува специјалниот претставник на американскиот претседател, Стив Виткоф, да ја посети Москва, објави „Киев пост“.
Според весникот, законот е повлечен од агендата на Сенатот сè додека главниот преговарач на претседателот на САД Доналд Трамп не отпатува во Москва следната недела, што во Вашингтон беше протолкувано како сигнал дека приоритет на Белата куќа во моментов е дипломатскиот канал со Русија.
Законот, кој сè уште не е ставен на гласање, ќе ги кодифицира постојните санкции и ќе воведе тарифи до 500% за увоз од трети земји – како што се Кина, Индија, Иран – кои продолжуваат да купуваат руска енергија, а воедно даваат мала поддршка на Украина.
Одлуката за одложување дојде веднаш откако рускиот претседател Владимир Путин изрази изненадување на прес-конференцијата во Бишкек поради најновиот пакет американски санкции насочени кон две руски нафтени компании.
Путин потсети дека за време на неодамнешниот руско-американски самит во Алјаска, двете страни постигнаа „разбирање“ за тоа што треба да се направи за да се започне со решавање на конфликтот во Украина и дека новите потези на Вашингтон се чинат спротивни на она што беше договорено.
– И одеднаш Соединетите Американски Држави објавуваат санкции против две наши нафтени компании. Која е причината за тоа? Ви велам искрено, дури и не разбирам што се случува – рече Путин.
Рускиот претседател неодамна назначи официјална преговарачка делегација за украинското прашање, што Москва го толкува како сигнал дека процесот на дијалог може да се обнови доколку Вашингтон покаже подготвеност да дејствува во согласност со договорената рамка.



























