Руската војска ја врати контролата над центарот и други делови од Суџа во руската Курска област, изјави командантот на баталјон на групата Север за руската агенција РИА Новости. Според него, руските војници го вратиле руското знаме во центарот на градот.
Медиумот Комерсант известува дека постојат снимки на кои се гледа знаме и руски војници како стојат покрај него.
„Денес руското знаме и знамињата на руските воени единици кои учествуваа во операцијата се кренати на зградата на градската управа“, изјави командантот на баталјонот.
Суџа стана центар на конфликтот во Курск лани во август при украинскиот упад во градот. Оваа акција им овозможи на украинските сили да окупираат значителен дел од територијата на Курската област.
Изминатите недели руските сили во брза офанзива ги опколија украинските војници од Курската област.
Прорускиот воен блогер роден во Украина, Јуриј Подољак, изјавил дека руските специјални сили поминале околу 15 километри долж главниот гасовод и дека некои од нив поминале неколку дена во цевката пред да ги изненадат украинските сили во близина на Суџа.
На социјалните мрежи се појавија снимки од руската акција.
Во Суџа се наоѓаат главните мерни станици на гасоводот што пренесува руски природен гас во украинскиот гасен транспортен систем за понатамошен транспорт во Европа.