Најновото истражување покажа дека Бразил доживува рекордно зголемување на бројот на скорпии и луѓе каснати од овие членконоги поради брзата урбанизација и климатските промени, јавуваат медиумите.
Според податоците од бразилските здравствени служби, помеѓу 2014 и 2023 година се регистрирани повеќе од 1,1 милион убоди од скорпии, што е зголемување од дури 250 проценти во споредба со претходните години.
Ова зголемување се припишува на брзата и непланирана урбанизација и појавата на фавелски населби карактеризирани со густо населена популација и лоши системи за отстранување на ѓубрето, посочија научниците.
За растот на популацијата на скорпии придонесуваат и високите температури и сушите кои се интензивираа поради климатските промени, според „Гардијан“.
Прелиминарните податоци за 2024 година покажуваат дека 200.000 луѓе биле каснати од скорпии во Бразил, а регистрирани се 133 смртни случаи.
Истражувачите предупредуваат дека вистинските бројки се повисоки бидејќи многу луѓе ги лекуваат убодите дома и не бараат медицинска помош.
Научниците предвидуваат дека овој проблем само ќе се влоши во иднина и дека ќе има дури два милиони каснувања од скорпија помеѓу 2025 и 2033 година.
Истражувачите изјавиле дека во 0,1 процент од случаите, убодот од скорпија е фатален, а дека децата и постарите лица се најранливи.
Бразилскиот здравствен систем обезбедува бесплатен третман во случај на напад од скорпија, а научниците предупредија дека луѓето кои се убодени од скорпија треба веднаш да се обратат на лекар.