Рускиот лидер Владимир Путин речисти никогаш не зема слободни денови, а кога е во прашање неговиот одмор има неколку омилени активности, како пешачење во тајгата, хокеј, сауни, добивал на подароци миленичиња, но често го дочекувал роденденот работно, на самит, па дури и во моменти кога требало да даде важна изјава за Русија.
Како ќе биде овојпат, кога рускиот лидер полни 73 години? Тој е 22 години на власт во Русија.
За волја на вистината, Путин само еднаш направил пауза цел ден, во 2014 година, кога отишол длабоко во сибирската тајга, на 300–400 километри од најблиското населено место, пишува ТАСС.
– Пред два дена имав мој „ден на пешачење“, изјавил Путин тогаш. По два дена, на седница на Советот за спорт додал:
– По планини поминав речиси 9 километри. И сè ме боли, во секоја пора од телото.
Хокеј, мраз и обврски
Во 2015 година, Путин го заокружи својот роденден играјќи меч во Ноќната хокеј лига, каде што постигна 7 голови и ја одведе својата екипа до победа од 15:10.
Но, денот почнал со дипломатски обврски. Прво пристигнале честитки од странски лидери, а потоа шефот на одбраната, во тоа време Сергеј Шојгу, лично го информирал за воената операција во Сирија. Истото утро, Путин разговарал и со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Понатаму, шефот на Русија потпишал указ за Година на руското кино, испратил поздрав до фестивалот на аматерски хокеј, а на сајтот на Кремљ бил објавен список со мерки за економија, култура и заштита на бизнисот.
Часовникот во командировки
– Понекогаш се чувствувам како да живеам во авион – признал Путин.
Неговите родендени изгледа не се исклучок. Во 2002 година, роденденот го дочекал во Кишињев, на самит на ЗНД. Се разговарало за тероризмот, економија и Ирак. Неофицијално, на самитот се пиело и вино.
Во 2013 година, летал 12 часа до индонезискиот Бали, за самитот на АТЕС. Таму, претседателот на Индонезија Сусило Бамбанг Јудојоно го изненадил со гитара и изведба на „Happy Birthday“.
Лидерите аплаудирале, додека кинескиот лидер Си Џинпинг му подарил торта. Јапонскиот премиер Шинѕо Абе го почастил со шише саке.
– Јас тука ли сум да пијам? Не, за среќа, сè уште се држам – одговорил Путин со насмевка, најавувајќи дека „ќе дојде на ред и сакето“.
Распоредот секогаш е ист?
Распоредот на Путин како да е ист од 2000 година. Ден пред роденденот, го пречекал олимпискиот тим од Сиднеј. Атлетичарката Ирина Привалова рекла дека народот има сочувство кон него, гледајќи колку му е тешко.
– Работоспособноста на Путин е диво висока – оценила таа.
На 7 октомври таа година, одговарајќи на новинарско прашање за буџетот, Путин рекол дека Русија „нема да се задолжува“, туку дека ќе ги исплати долговите.
Понекогаш, на овој ден, Путин не прима, туку дава честитки. Во 2003 година, во Санкт Петербург ја поздравил Валентина Матвиенко, новоизбрана градоначалничка.
Во 2005 година, го одликувал комбајнерот Вјачеслав Чернуха со ѕвезда „Херој на Русија“ за спасување жетва од пожар.
Необични подароци
Меѓу покреативните роденденски подароци за Путин биле: кутре, тигренце од Усури, издание на Чехов, кристален крокодил — подарок од Владимир Воронин. Крокодилот, „единственото животно што не се повлекува наназад“, можеби денес му е симболичен потсетник за тешката задача која ја извршува, лидерот на Русија.
Претседателот на Белорусија, Лукашенко, еднаш му подарил ваучер за трактор „Беларус“. Универзитетот во Санкт Петербург го прогласил Путин за почесен професор.
Две години подоцна, во 2010 година, Универзитетот повторно го споменал Путин, овојпат со поучна порака — му препорачале да не го крши рускиот Трудов закон (КЗОТ), бидејќи, како што се пошегувале, „работи како роб на галии“. Таа фраза била поврзана со неговата сопствена изјава од порано, кога тој самиот рекол дека се чувствува „како роб на галии“ поради огромниот обем на работа и темпото што го одржува.
Но, Путин не се сложува. Во 2025 година, на 7 октомври, претседателот повторно работи.
– Ова не е национален празник. Мислам дека да се претерува со значењето на овој ден е нескромно – истакнал еднаш Путин во врска со својот роденден.