Како македонски мисионери имаме семакедонска, национална и човечка должност да го чуваме, негуваме, сакаме, развиваме, проучуваме, промовираме, обновуваме македонскиот јазик, оти без нас не ќе живее, ниту ние ќе бидеме Македонци без него. Ние сме оние што во него се препознаваме, со него се идентификуваме, по него се разликуваме од другите, се вели во пораката од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод Денот на македонскиот стандарден јазик и 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
„Денеска, на 5 Мај, праќаме важни пораки за македонскиот јазик до сите Македонци, каде и да се, до познавачите и до почитувачите на македонскиот јазик, до идните поколенија Македонци. Денеска, камбаните одѕвонуваат на македонски јазик и за македонскиот јазик, не само тука, во татковината, туку секаде каде што се оние со кои ист јазик зборуваме и на ист јазик се разбираме ние, Македонците. Денес, сите говорители, вљубеници, јазикољупци, почитувачи, проучувачи, посветеници на големиот, убавиот, милозвучниот македонски јазик беседат за него и на него. Пораки за македонскиот јазик ќе праќаат и по мене и по нас, оти додека нè има, ќе го има и него: јазикот наш насушен. Без македонскиот јазик не ќе можевме да испраќаме пораки на македонски, ниту да бидеме негови мисионери“, се вели во честитката од претседателката.
Нам, македонскиот јазик, се додава, ни е духовна храна, важна и потребна колку и мајчиното млеко, тој ни е идентитетско сонце, татковина од искона.
„Македонскиот јазик е река што извира од европски извор и се влева во морето на европската и во океанот на светската цивилизација. Близнак со народниот дух, македонскиот јазик битисувал во лошо и во добро низ вековите, зреел со македонскиот народ, растел и се збогатувал со новите зборови што никнувале за да ја изразат народната болка и радост, се калел и калемел во содејство со блиските јазици, плачел, шепотел, пеел, играл, им пркосел на оспорувањата и негирањата, опстојувал. Чест ни е што сме потомци на епохалните мисионери, Светите Кирил и Методиј, личности – филозофи кои ни ја дариле светлината на словото, писменоста, уката и културата, позлатувајќи нè со азбука, писмо и писменост, не само нас, туку и сиот словенски свет“, се вели во пораката на претседателката.
Претседателката Сиљановска Давкова потсетува на Константин Филозоф, кој во мугрите на сесловенската и македонска писменост, пред светската историја на совеста, гласно запраша: „Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво?“
„Нè огреа и нè просвети учителскиот блесок и нас, на Светите Кирил и Методиј, кои со верните и посветени ученици, Светите Климент и Наум го просветлија словенскиот и македонскиот свет со писмо, образование и со наука. Мракот беше победен од светлината, незнаењето беше поразено од знаењето со помош на словенските јазици, меѓу кои и македонскиот. Словенските народи, а меѓу нив и македонскиот, се описменуваа. Грандиозната дејност на Охридскиот книжевен центар на Свети Климент Охридски, поддржан од Свети Наум е монументален чин и чекор во описменувањето, што снажно ја поткрепи и поттикна мислата, овозможувајќи ѝ јазично да се изрази. Во прашање е „моќно придвижување“, според Блаже Конески, со што се трасираше и се отвори патот за епопејата на македонскиот јазик, којшто храбро тргна напред, најпрво како прасловенски јазик, старословенски јазик ‒ првиот книжевен јазик на сите Словени, создаден врз основа на говорот на македонските Словени од околината на Солун“, наведува Сиљановска-Давкова.
Таа потсетува дека јазичната еволуција се одвива од глаголицата, преку старословенската кирилица, кон современата македонска кирилична азбука.
„Средновековната писменост и култура сведочат за континуиран развој на македонскиот јазик. Пробивот на народниот македонски јазик од ракописите од 16. век до преродбата во 19. век е значајна етапа во неговата историја. Со и низ развојните фази на македонскиот народен јазик низ вековите растеше идејата за македонски литературен јазик и македонска самобитност, а расцвета со аргументираната научна кодификација на великанот Крсте Мисирков во делото „За македонцките работи“. Повеќевековниот развој на македонскиот јазик доживеа законска кодификација во 1945 година, чин на крунисување на вековните стремежи на Македонците. Да укажам, по којзнае кој пат, дека може да се кодифицира само нешто што постои. Не се измислува јазик. Кодификацијата на македонскиот јазик се реализира преку: Решението на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во Република Македонија од 2 август 1944 година, Решението на Президиумот на АСНОМ за донесување на азбуката на 5 мај 1945 година и официјалното усвојување на македонскиот првопис на 7 јуни 1945 година. Така се остварија вековните идеали и стремежи да се изразуваме на македонски литературен јазик, да учиме и да се образуваме на македонски јазик, да имаме свој македонски литературен јазик“, стои во пораката.
Претседателката посочува дека по кодификацијата во 1945 година следуваше објавувањето на капиталните дела од науката за јазикот: граматиката, историјата на македонскиот јазик, речникот на македонски јазик, со што јазичниот процес се заокружи во јазичен систем и во јазична целина.
„Уште еднаш да потврдам и да потенцирам дека влогот на великанот Блаже Конески во кодификацијата на македонскиот јазик, во науката за јазикот и во македонистиката е монументален. Мора да го споменеме и исклучителниот придонес на Круме Кепески, но и на плејада домашни и странски македонисти, филолози и лингвисти, чии камења во темелите и во ѕидовите на македонистиката, од неа направија цврста куќа! Македонскиот стандарден јазик не е само важен елемент на историјата на самостојна, суверена и независна Македонија, туку и темел и потпора на македонскиот идентитет. Тој е основното идентитетско обележје на сите Македонци коишто живеат на територијата на македонската држава и говорат македонски, но и на Македонците во соседните држави и Македонците насекаде во светот“, се вели во пораката.
Втората половина на 20 век и двете и пол децении на 21 век, како што се наведува, се значајна етапа на подемот на македонистиката, домашна и странска, како стабилна, студиозна, аргументирана и светски призната филолошка и културолошка наука. Современата наука за македонскиот јазик, науката за книжевноста и културата бележат врвни достигнувања, а извонредни дострели и ремек-дела остваруваат македонската литература, уметност и култура.
– Македонскиот јазик е семакедонска куќа и семакедонски дом на писменоста, прогресот, уката и науката, уметноста и културата. Македонскиот јазик е жив и животворен, тој врие од енергија, отвора, раѓа и породува нови видици и светови, менува светогледи. На него сонуваме, создаваме, остваруваме, векуваме. Во македонскиот јазик е врежан македонскиот код, вградена е нашата сушност и посебност, на него е исткаена нашата меморија, со него ја живееме сегашноста, одиме по свое во иднината. На македонски сè уште шепоти пирејот, на македонски зборува непокорот, со македонскиот се мечтае за „белите мугри“, на македонски е навезена „Везилка“ и напишана едната и единствена македонска приказна, повеќе тажна, одошто весела. Јазикот, македонскиот ни јазик е наша молитва, наша поезија, наша драма, наш еп, наш роман-река. Со македонскиот јазик градиме мостови меѓу културите, преминуваме пречки, се разбираме. Преку јазикот го креираме системот на вредности како култура на дијалог, соработка, хуманизам, човекољубие, миротворство и космополитизам, оти нам преку речта, како на Рацина: „куќа цел свет братски ни е“.Нашиот македонски јазик е мисија на сите нас: државните органи, институциите, образовниот систем, академската, научната и општествената заедница, граѓаните, индивидуите, луѓето, се вели во пораката.
Сиљановска-Давкова изразува и искажува огромна почит кон сите македонисти, кон сиот образовен, академски и научен потенцијал, кон академиците, професорите и истражувачите, поетите и писателите, наставниците и учителите, лекторите во земјава и во странство, библиотекарите, кон сите говорители и љубители на македонскиот јазик, кон јазикољупците коишто од него прават уметност.
„Лично, како човек и како претседателка на државата, со страст размислувам и говорам на македонски, ја почитувам, силно ја поддржувам и афирмирам македонистиката, секогаш и секаде: дома и во светот. За особено важна ја сметам институционалната поткрепа на македонистиката преку дејноста на Советот за македонски јазик, работата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, лекторатите по македонски јазик, дејноста на високообразовните и научни македонистички институции. Очекувам и инсистирам на особена и посебна правна грижа за македонскиот јазик преку дејноста на Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик. Координираното институционално чествување на овој голем јубилеј преку целата година е потврда на јасната определба за поддршка на македонскиот јазик. Потребна ни е национална стратегија за развој и за заштита на македонскиот јазик со третман на македонистиката како дејност од врвен национален интерес со интернационално значење“, смета претседателката.
Заштитата на македонскиот јазик, како што наведува, е наша висока должност и завет, или како што вели Мисирков: „Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш, исто така, како што ни е наша татковината ни“.
„Денеска, на овој голем македонски ден, Ден на македонскиот стандарден јазик, 5 мај 2025 година, свечено и достојно го чествуваме големиот јубилеј, 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, но и не смееме да ги заборавиме настаните што му претходеле, оти македонскиот јазик е многу постар од стандардниот македонски јазик, или како што вели познатиот славист и македонист Реџиналд де Бреј во неговиот „Водич на словенски јазици“ во 1951 година: „Каква иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски“. Да споменам дека годинава се навршуваат 150 години од објавувањето на Речникот на три јазика (тријазичникот), 145 години од „Слогница Речовска“, односно првата публикувана граматика на македонски јазик на Ѓорѓија Пулевски, 135 години од одбраната на првата докторска дисертација за македонскиот јазик на Дерптскиот универзитет во Естонија од Леонард Готхилф Мазинг, како и 100 години од печатењето во Атина на „Абецедарот“, на барање на Лигата на народите, претходничката на ООН! Честит 5 Мај, Денот на стандардниот македонски јазик!“, се вели во пораката од претседателката Сиљановска Давкова.