Пресудата за случајот со прегазувањето на 22-годишната Фросина Кулакова ќе биде објавена на 13 мај

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Пресудата за случајот со прегазувањето на 22-годишната Фросина Кулакова ќе биде објавена на 13 мај. На денешнотосудење Кривичниот суд Скопје, обвинетиот Васил Јованов призна вина за делото Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, за сообраќајката што се случи на крајот на јануари годинава на булеварот Партизански одреди во Скопје. Максималната казна за ова дело е 20 години затвор.

На денешното рочиште се изведуваа само доказите што се однесуваат на висината на казната, а не и за настанот, со оглед дека Јованов го призна делото.

Обвинителот Александар Марковски, како докази за одмерување на видот и висината на казната, пред Судот го наведе тоа што за Јованов има правосилна пресуда со казна затвор од 3 години и 10 месеци и 5 прекршочни постапки за разни сообраќајни прекршоци, кои не се процесуирани.

Бранителот на Јованов, адвокатот Сашко Дуковски пред Судот достави докази за положени испити на факултет и медали од освоени натпревари во бокс, доказ од Ракометнана федерација дека е регистриран играч за сезоната 2021-22 година и видео со времетраење од 36 секунди. За тоа видео рече дека одбраната сака да го покаже пред Судот односот на обвинетиот непосредно по стореното дело и неговото искрено каење, кога извикувал „леле што направив“ и „греота за девојчето“.

Обвинителот Марковски му посочи на Судот да пристапи со должно внимание на оваа снимка, со оглед на квалитетот на звукот и дека тоа што било кажано е така од збор до збор. Обвинителот во завршниот збор рече дека со оглед на даденото самопризнание останува на обвинителниот акт и го повика Судот да го прогласи за виновен и казни по закон, согласно изведените докази.

Адвокатот на семејството Кулакови во завршниот збор побара највисока казна за обвинетиот, земајќи ги како отежнителни околности тоа што управувал возило без возачка дозвола, под дејство на алкохол и без почитување на сообраќајните правила.

Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, во завршен збор рече дека е невозможно да го прифати видеото и дека Васил не се пријавил самостојно, туку „други му кажуваат, инаку тој ќе фател штрафта“.

– Бараме најстрога казна и да се испрати порака дека ако државата е болна, барем судот заздравува. Васо не ја уби сам, тројца ја убија нашата ќерка – рече тој.

Бранителот на Јованов во завршен збор рече дека во оваа сообраќајна несреќа губитници се двете семејства и дека е тешко и за семејството на загинатата Фросина, но исто така е тешко, како за обвинетиот, така и за неговото семејство.

- Advertisement -
Ad image

– Овој кривично-правен предмет не е само предмет што доби медиумска помпа, туку се претвори во јавна хајка и линч против обвинетиот. Од првиот ден се повикуваше на линч и смртна казна. Да, Васил е виновен, но не може да се бара смртна казна. Сметам дека Република Македонија е демократска држава и владее закон, а не законот на линч и око за око, заб за заб – изјави адвокатот Сашо Дуковски.

Тој повика да се престане со инсинуации, нагласувајќи дека Васил ниту избегал, ниту се обидел, а ако било така обвинителот ќе го гонел и за неукажување помош по несреќата.

Дуковски укажа и на судската пракса за вакви дела, посочувајќи на сообраќајната несреќа на истата локација од другата страна на Партизанска од 2018 година, каде под дејство на алкохол со признание на вина е досудена казна од 3,5 години затвор, како и на сообраќајната несреќа во Велес, каде животот го загуби 11 годишно девојче, за што возачот го негираше делото и се обидел да избега, а доби 8 години затвор.

- Advertisement -
Ad image

Обвинетиот Васил Јованов во завршен збор пред Судот уште еднаш изрази каење за случајот.

– Не можам да објаснам какво каење чувствувам. Не поминал ден да не се помолам за душата на Фросина и за нејзината фамилија. Тоа е нешто што ќе ме прогонува до крајот на мојот живот. Сакам уште еднаш да искажам најдлабоко сочувство и извинување на семејството и на сите кои ги познавам – изјави Јованов.

Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот Партизански одреди во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело Предизвикување општа опасност од член 288, став 4 од Кривичниот законик. Обвинението се однесува на периодот од 4.11.2022 до 30.1.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило „пежо 207“, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти.

Share This Article