Полскиот премиер Доналд Туск денеска објави нови информации за експлозијата што вчера оштети дел од железничка пруга во централна Полска. Тој потврди дека станува збор за саботажа и предупреди дека целта на напаѓачите била да дигнат во воздух воз на рутата Варшава–Дембли.
Вчера беше објавено дека експлозивна направа оштетила дел од пругата во близина на Лублин. Итните служби и обвинителството излегоа на терен, а машиновозачот пријавил оштетување на железничката инфраструктура.
– Најверојатно намерата била да се крене во воздух возот на пругата Варшава-Дембли. За жал, нема сомнеж дека станува збор за саботажа – изјави Туск.

Тој нагласи дека е избегната трагедија, но дека околностите се загрижувачки.
– За среќа, не дојде до трагедија, но ситуацијата е многу сериозна – рече полскиот премиер.
Според неговите зборови, постои сомнеж дека на истата рута имало уште еден обид за саботажа.
– За жал, како што сега знаеме, сличен инцидент можел да се случи и југоисточно од ова место. На истата железничка линија забележавме обид за дестабилизација и уништување на инфраструктурата, што исто така можело да доведе до судир на воз – рече Туск.
Полска и претходно предупредуваше дека, поради нејзината улога како центар за испраќање помош за Украина, станала цел на саботажи. Москва неколкупати негираше каква било вмешаност.



























