Од попладне следува промена на времето, со врнежи од дожд и значителен пад на температурата, предупредува Управата за хидрометеоролошки работи.
„Денес во попладневите часови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност, со краткотраен пороен дожд и со ретки грмежи. Од утре до понеделник Македонија ќе биде под влијание на циклонска активност и ќе има позначителна промена на времето. Ќе преовладува претежно облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни, со количина над 20 литри на квадратен метар, проследени со грмежи и со засилен ветер. Дневната температура ќе опадне за 8 до 10 степени во однос на денешната“, се вели во метеопредупредувањето од УХМР.
Во Скопје, од утре до понеделник времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, се додава во соопштението. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пообилен пороен дожд, проследен со појава на грмежи и засилен ветер.