За малите пратки, кои ги нарачуваме преку „Тему“, „Шеин“, „Алиекпсрес“, „Амазон“ и од други интернет продавници од странство, наскоро ќе треба да плаќаме ДДВ од 18%, но за мали пратки кои ги добиваме од роднини од странство нема да се плаќа данок, под услов нивната вредност да не надминува 22 евра.
Ова го предвидуваат измените на Законот за данок на додадена вредност кои се во собраниска процедура и ќе се разгледуваат по локалните избори. Со нив се укинува ослободувањето на увозот на комерцијални мали пратки со вредност до 22 евра, но се воведува ослободување на мали пратки со иста вредност кои ги праќаат физички на физички лица.
Предлагачот на измените, Министерството за финансии, ја брише точката 26-а од членот 27-б со која малите комерцијални пратки кои доаѓаа од странство со вредност до 22 евра беа ослободени од ДДВ. По усвојувањето на измените, овие пратки ќе треба да поминат низ царинските процедури и за нив ќе треба да се плати ДДВ.
Со предложените измени во член 27-б кој се однесува на ослободување на стоки од плаќање данок при увоз, се додава нова точка 2-а која предвидува ослободување од ДДВ на малите пратки кои ги праќаат физички на физички лица кои се од некомерцијална природа, односно се испратени бесплатно, а нивната вредност не надминува 22 евра. Ослободувањата не се однесуваат на тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни пијалаци, како и на парфеми и тоалетни води.
Точката гласи: „Добрата испратени од странство од физичко лице кои ги прима физичко лице со живеалиште или одобрен престој во РСМ, доколку вкупната вредност на пратката не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, добрата да се испратени бесплатно и таквиот увоз да е од некомерцијална природа. Кога вкупната вредност на пратката која се состои од две или повеќе добра го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, ослободувањето се одобрува до тој износ за добрата кои доколку би биле увезени поединечно би биле ослободени. Кога вредноста на поединечното добро го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност, неговата вредност не може да се подели заради остварување на правото на ослободување до висината на тој износ“.
Ова значи дека, ако граѓаните не сакаат да платат ДДВ на евтина пратка од странство ќе треба да ги нарачуваат производите поединечно и да внимаваат тие да не надминат вредност од 22 евра.
Измените на законот на ДДВ во однос на малите пратки, се очекува да ѝ отвори дополнителна работа на Царината, а на граѓаните ќе им го зголемат времето на на чекање за нарачаните производи.
Според анализата на Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) објавена деновиве во првата половина од годинава македонските граѓани во странство направиле онлајн трансакции во вредност од 201 милиони евра односно 55,1% пораст во однос на истиот период минатата година.
Трендот на растот на трансакциите кон странските е-трговци најмногу се поврзува со појавата на „Тему“, кој за кратко време привлече голем број на купувачи со широка понуда, ниски цени и бесплатна достава дури и за најмали нарачки.
Со овие законски измени земјава се усогласува со европската практика. Европската унија уште во 2021 година го укина прагот за ослободување на комерцијалните пратки со вредност до 22 евра.
На најавените измени во законот за данок на додадена вредност, кои веќе се во Собранието, реагираше СДСМ.
„Наместо да ги заштитат интересите на обичниот човек, на младите и семејствата кои преку интернет нарачуваат евтино, (Христијан) Мицкоски и неговата влада избраа да им го олеснат џебот дополнително. Зошто се удира по џебот на граѓаните и се ускратува можноста да купуваат поевтино онлајн?“, се наведува во реакцијата.