По барање на Центарот за управување со кризи (ЦУК), во гаснењето на големиот пожар кој од утрово беснее кај депонијата во Визбегово е вклучен авион Ер Трактор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Освен авионот, во акцијата е вклучен и полициски хеликоптер тип АБ212, кој дејствува со ведро врз пожарот, обидувајќи се да го стави под контрола оганот кој поради силниот ветер брзо се шири.

Пожарот предизвика масовна вознемиреност кај скопјани, кои од утрово испраќаат видеа и фотографии од повеќе делови на градот. Црниот густ чад што се издига над главниот град е видлив од Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Бутел и други населби, а многумина се жалат на непријатна миризба и загаден воздух.
Уште од раните утрински часови, Скопје се соочува со нова еколошка катастрофа – густ црн чад се издига од пожарот кај дивата депонија во близина на Визбегово, која поради силниот ветер брзо се разгорува.
– На терен се испратени четири противпожарни возила, кои заедно со две возила од ЈП „Комунална хигиена“ се борат со пожарот – информира командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томески.
Од ЦУК и другите надлежни институции апелираат до граѓаните да се воздржат од движење во близина на критичната зона и да останат дома со затворени прозорци, сè додека не се стабилизира состојбата.
Ветерот и натаму ја отежнува интервенцијата, но ангажирањето на авион Ер Трактор внесува надеж дека ситуацијата наскоро ќе се стави под контрола.