Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да патува на мировниот самит за Газа во Египет, соопшти неговиот кабинет, спротивно на претходните извештаи на израелските медиуми и на изјавата од претседателството на Египет.
Во соопштението од неговиот кабинет се наведува дека Нетанјаху му се заблагодарил на американскиот претседател Доналд Трамп за поканата во Египет, но нема да може да патува поради временски ограничувања во пресрет на еврејскиот празник Симхат Тора (Радост на Тора).
Трамп е копретседавач на самитот во египетскиот Шарм ел-Шеик заедно со египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси, на кој ќе учествуваат речиси 20 светски лидери за да разговараат за мировниот процес во Газа.
Египетското претседателство претходно денеска соопшти дека и Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас ќе присуствуваат на средбата во египетското одморалиште на Црвеното Море.
Абас е лидер и на Палестинската управа и на движењето Фатах, кое е ривал на Хамас со седиште во Газа.
Хамас го протера Фатах од Појасот Газа во крвав конфликт во 2007 година. Оттогаш, Абас фактички управува само со Западниот Брег. Израел досега ја одбива можноста Палестинската управа да владее во Појасот Газа.