Директорот на Агенцијата на ЕУ за дрога (ЕУДА) Алексис Гусдел денеска предупреди на загрижувачката ситуација со дрогата во Европа која, според него, истовремено станала и извозник и увозник на дрога, но и на појавата на нови облици на психоактивни супстанции.
– Дрогата е насекаде во Европа, доаѓа до зголемување на производството, речиси 400 до 450 незаконски лаборатории се откриваат секоја година, но има и поголема потрошувачка на дрога – изјави директорот на ЕУДА на тематска седница на Комисијата за здравство на хрватскиот Сабор.
Секој денес познава барем едно лице што има акутен или хроничен проблем со дрога и зависност, додаде тој и ги наведе предизвиците со кои се соочуваат, а еден од нив е постојаната појава на нови супстанции на пазарот.
Преку системот за рано предупредување во последните 27 години се евидентирани илјада нови психоактивни супстанции, изјави Гусдел.
– Истовремено ЕУ е и извозник и увозник на дрога, особено екстази и амфетамини. Европа стана глобален производител. Во последните 7-8 години значително порасна насилството поврзано со дрога во сите земји членки. Имено, кога пред 10 години разговаравме за тоа со Европската комисија, зборувавме за Централна Америка, а денес зборуваме за ЕУ – истакна тој.
Крајната цел на Агенцијата е следење, рано предупредување и координација на одговорот. Клучно е, нагласи Гусдел, да се предвидува и да се биде подготвен за појава на нови облици на дрога.
Ситуацијата во Европа е загрижувачка, слично е и во Хрватска, предупреди полицискиот службеник од Дирекцијата на хрватската полиција Томислав Штамбук.
– Од полициска перспектива можеме да кажеме дека дрогата е сè повеќе присутна на улиците, можеби и повеќе од кога било, а кокаинот, производите од канабис и синтетичките дроги се нашиот доминантен проблем во овој момент. Исто така, имаме изразена динамика на појава на нови психотропни супстанции – рече тој.
Полицијата, додаде тој, се соочува со борба против злосторнички здруженија одговорни за дистрибуција на дрога, при што го наведе Балканскиот картел, кој сè уште е „многу голема закана за цела Европа како еден од најголемите увозници на кокаин, а кој станува сè поотпорен на полициските акции“.