Претседателот на САД Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс не беа поканети денеска на погребната служба во Вашингтон за поранешниот потпретседател Дик Чејни, соопшти официјален претставник на Белата куќа.
Поранешни американски лидери, пратеници и други функционери се собраа во Националната катедрала во главниот град на САД, за да му оддадат почит на влијателниот и контроверзен поранешен потпретседател, кој беше гласен противник на Трамп.
Меѓу гостите беа поранешните претседатели Џо Бајден и Џорџ В. Буш, како и поранешните потпретседатели Камала Харис и Мајк Пенс.
Чејни е поранешен конгресмен од Вајоминг и поранешен министер за одбрана, кој беше главна сила зад американската инвазија на Ирак во 2003 година, кога беше потпретседател. Почина на 3 ноември на 84-годишна возраст.
Чејни ги критикуваше лажните тврдења на Трамп дека победил на претседателските избори во 2020 година, како и нападот врз Капитолот од страна на поддржувачите на Трамп на 6 јануари 2021 година. Тој ја поддржа противничката на Трамп, демократката Камала Харис, на минатогодишните претседателски избори.
Трамп сè уште не изразил сочувство до семејството на Чејни. Белата куќа неодамна соопшти дека е „свесна“ за смртта на Чејни. Знамињата во Белата куќа беа спуштени на половина копје.



























