Секој обид од страна на Владата или на политичките партии, да докажат дека има политика во протестите или во работата на Синдикатот, ќе им биде залуден, рече попладнево на протестот пред Министерството за култура, претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
– Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на протестите на вработените, бидејќи имаа седум години да го решат овој проблем, но, наместо решение, направија сѐ што можеа, да го забранат колективното договарање, па дури беа и првата влада, што поништи колективен договор. И да ја поправам вчерашната изјава на Владата, бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со некој друг синдикат. За потсетување, Синдикатот на УПОЗ само во 2022, 2023 и 2024 година, има организирано три штрајка и најмалку 20 протести, од кои на протестот во декември 2023 година, над 5.000 вработени од управата и правосудството, излегоа на улица и побараа достоинствени плати за живот – истакна Деаноски.
Тој додаде дека нивните барања биле исти со години наназад.
– Не случајно на вториот ден од протестите сме пред Министерството за култура. Во 2023 година, токму овие вработени 21 ден по ред протестираа пред Владата на Република Македонија, со истите барања како и денес, потпишување колективен договор и зголемување на платите на вработените – рече Деаноски.
Портпаролката на Владата, Марија Митева на вчерашната прес-конференција посочи дека не биле исполнети законските услови за протестот. Таа напомена оти постојат сомнежи дека истиот е политички мотивиран. Според Митева, Владата е партнер на сите и е отворена за сите предлози и сугестии.
– Платите на 70 отсто од вработените во Министерството за култура се под просечната плата во Република Северна Македонија, а разликата со платите на вработените на истите позиции во државните органи кои го добија додатокот на основна плата, е 30 проценти. Ние го поздравуваме покачувањето на платите на нашите колеги од останатите државни органи, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи. Одговорноста на колегите секаде е огромна, но да потсетиме, Министерството за култура и туризам ја сервисира работата на 72 национални и 49 локални институции од областа на културата, а во рамките на годишните конкурси на Министерството, се обработуваат просечно околу 5.000 апликации, од кои, од барем од половината, следат обврски – потпишување на договори и следење на истите – рече денеска Бранко Костовски, претседател на Синдикална организација при Министерството за култура и туризам на УПОЗ.