Петмината членови на Судскиот совет на кои Собранието завчера со „дебело“ мнозинство им изгласа недоверба, не планираат да си поднесат оставки од функциите. Тие интерпелациите ги толкуваат како упад во судството и како неуставни, а не како контрола од Собранието како орган кој ги избрал на таа функција и кој го застапува суверенот во државата, односно граѓаните.
Според познавачите, доколку не си поднесат оставки по изгласаната интерпелација, членовите на Судскиот ќе ја закопаат довербата на граѓаните во правосудството, која и сега е на историски најниско ниво од 2 проценти.
Имаат 6-годишен мандат, Селим Адеми е во Советот од 2013 година
Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа за медиумите веќе се изјаснија дека не планираат да поднесат оставки. Тоа го најави и Дамева на собраниската говорница, која единствена се одважи да им се обрати на пратениците и во својот политички говор рече дека мандатот ѝ завршува за 9 месеци.
За 9 месеци, во декември, завршува и мандатот на Адеми, а најбрзо ќе си замине Мустафа, кој има мандат до јули. Црвенковска има мандат до декември 2026 година. Најдолго ќе остане Чачарова Илиевска, чиј мандат истекува во декември 2027 година. Мандатите на членовите на Судскиот совет траат по 6 години, а во овој состав втор последователен мандат тера Адеми, кој во Судскиот совет е од 2013 година.
Не само за кои било функционери, интерпелацијата е можна и за државните органи
Според познавачите, не е точен ставот дека интерпелацијата, како што се бранат членовите на Судскиот совет, според кои таа треба да важи само за владините функционери.
– Нашиот Устав му дава можност на Собранието да врши интерпелација и на државните органи, а не само на функционерите. Точно е дека, компаративно, мал е бројот на државите кои имаат интерпелација и за функционери кои не се од владата. Но, ние го имаме токму тој модел, со интерпелација за сите јавни функционери – вели правен експерт.
Според член 72 од Уставот интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, на Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи.
Според експертот, повеќе е „проблем“ тајмингот на оваа интерпелација.
– Ако не дадат оставки по изгласаната недоверба, довербата на граѓаните во правосудните орган уште повеќе ќе се урниса, а и онака е екстремно ниска. А ако дадат оставки, новите членови на Советот ќе се бираат според актуелниот закон, затоа што сè уште не е донесен новиот. А поентата беше токму во тоа, новите членови да се избираат според новите законски решенија. Не само во тоа што во новиот закон ќе има построги критериуми што се подразбира под терминот истакнат правник кој може да се кандидира за член на Судскиот совет, туку и во транспарентноста при изборот. Со новиот закон се предвидува уште пред да бидат избрани тие јавно да се претставата пред Собранието, да одговараат на прашања итн, за јавноста да ги види и да ги оцени пред да бидат избрани на функцијата – вели нашиот соговорник.
Тој додава и дека не може секоја интервенција од Собранието во Судскиот совет да се доживува и да се категоризира како мешање во судството. Законот за Судскиот совет дозволува Собранието да го усвои или да не го усвои годишниот извештај за неговата работа и законските механизми не се мешање, туку контрола.
– Власта е поделена на законодавна, извршна и судска и има механизми како тие власти меѓусебно се контролираат – вели нашиот соговорник.
Власта сака да го исполни ветеното
Јелена Кадриќ, од Институт за човекови права вели дека оставките на членовите на Советот по изгласаните интерпелации се личен чин, но тие се изјаснија дека нема да ги поднесат, па се очекува дека планираат да ги истераат мандатите до крај.
– Интерпелацијата не значи и обврска за оставка, а не е ниту основ за разрешување. Би се поставило прашањето зошто само тие 5 члена од Советот, кога тие се еднакви. Претпоставувам дека ќе останат до крајот на своите мандати. Ние од Блупринт групата, кога незаконски ја разрешија Весна Дамева од претседателската функција, го повикавме целиот Совет, сите членови да си поднесат оставки, затоа што го прекршија законот и го изгубија кредибилитетот. Но, најголемиот дел не поднесоа оставки и продолжија со својата работа во Советот – вели Кадриќ.
Таа смета дека не требаше да дојде до интерпелацијата на петте члена на Судскиот совет, затоа што, според неа, се коси со Уставот, а без разлика дали членовите се избрани од Собранието или од самите судии, во моментот кога стануваат членови на Советот се еднакви сред правата и надлежностите.
– Оваа повеќе беше политичка интерпелација и е преседан. Во Судскиот совет има мешан состав, судии и правници, токму за да има кохезија и за да може граѓаните да вршат контролна функција врз членовите преку пратениците. Но, оваа интерпелација е мешање на власта во судството и не е таков вид на контрола. Друго прашање, пак, е каков е кредибилитетот на членовите на Судскиот совет после сите случувања. Сметам дека со оваа постапка власта всушност го исполнува ветеното во предизборната програма за смена на Судскиот совет – вели Кадриќ.
Таа апелира што поскоро да се донесат измените на Законот за Судскиот совет, кој, додава, е врзан со рок за донесување и е дел од Планот за раст што Македонија го договори со ЕУ.
Ќе продолжат притисоците да поднесат оставки
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека најмалку што очекува по интерпелациите е морална одговорност.
– Очекувам да ги напуштат позициите коишто ги имаат заробено, бидејќи парламентарците јасно кажаа дека тие го изгубија целиот кредибилитет и не можат да бидат на тие места каде што се. Тоа го докажаа и со изборот на партискиот врховен судија, којшто доаѓа од Демократската унија за интеграција, за вршител на должноста претседател на Врховниот суд – рече Мицкоски.
Од Владата најавија дека ќе продолжат со притисок врз членовите на кои им беше изгласана недоверба да поднесат оставки. Портпаролката на Владата Марија Митева вели дека независноста на судската власт не значи дека тие се надвор од контрола и најави дека ќе продолжат со правни и политички акции за да се обезбедат оставки од членовите на Судскиот совет.
– Ние ќе продолжиме да бараме одговорност за членовите на Судскиот совет, преку дебати, интерпелации и сите други законски инструменти што ги имаме. Судската власт треба да има одговорност, а не да има имунитет од неспроведување на правото – рече Митева во гостување на Алфа.
Митева додаде и дека нивните постапки го нарушуваат правниот систем и ја доведуваат во прашање довербата во правосудството.
Ќе одржи ли Советот вонредна седница или ќе ги игнорира интерпелациите?
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски рече дека би било крајно неодговорно од власта ако не преземе мерки за Судски совет кој не си ја врши работата.
– Би биле крајно неодговорни и како мнозинство и како Влада доколку не се преземе ништо, доколку останеме во ситуација „како до сега“. Мора да се преземат некои мерки и чекори во таа насока Се разбира дека интерпелацијата е уставна категорија, тоа е алатка којашто треба да се искористи, да се укаже на незадоволството, бидејќи истиот тој законодавен дом им ја даде довербата на тие луѓе. Треба да се отповикаат за да се даде простор за некои луѓе коишто ќе дадат повеќе резултати – рече Јаревски.
Доблесно е членовите на Судски совет да се повлечат по изгласаните интерпелации, додаде тој.
Заменик министерот за правда Ален Деребан му порача на Судскиот совет сериозно да ги сфати интерелалциите.
– Изгласаната интерпелација значи дека тие немаат легитимитет да учествуваат, а уште помалку да одлучуваат во рамките на Советот. Судскиот совет мора да ги разгледа овие интерпелација. Да закаже итна вонредна седница за истите. Од нив очекувам да поднесат неотповикливи оставки – порача Деребан.
Од Судскиот совет досега не закажаа вонредна седница на која ќе расправаат за интерпелациите на нивните 5 членови.