Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во врска со разговорите меѓу САД и Украина, кои треба да се одржат во Саудиска Арабија, изјави дека Вашингтон сака да види за време на овие разговори дека Киев сака мир.
Тој ги демантираше медиумските извештаи дека Русија и САД ќе разговараат во Саудиска Арабија оваа недела, пренесоа руските медиуми.
– Русија и САД се во почетната фаза на патот кон обновување на билатералните односи, овој пат ќе биде долг – оцени Песков.
Тој рече дека рускиот и американскиот претседател имале само еден телефонски разговор откако Трамп ја презеде функцијата и дека разговорот „бил доволно конструктивен за да бидат во дијалог и да ги решат проблемите“.
Во меѓувреме украинскиот лидер Володимир Зеленски на Телеграм напиша дека Украина сака мир. Неговата објава доаѓа во очи на закажаната средба меѓу претставници на САД и на Украина, која треба да се случи во вторник.
„Украина се стреми кон мир уште од првата секунда на војната, а ние секогаш зборувавме дека единствената причина зошто војната продолжува е Русија“, нагласи украинскиот лидер.
Средбата меѓу делегациите на САД и Украина треба да се одржи во вторник во Саудиска Арабија. Американската делегација ќе ја предводи американскиот државен секретар Марко Рубио придружуван од секретарот за национална безбедност и пратеникот на Трамп за Блискиот Исток.
Украинската делегација ќе ја предводи Андриј Јермак.
Се очекува и Зеленски да се сретне со принцот престолонаследник Мухамед Бин Салман.