Филмската компанија „Парамаунт“ го објави првиот трејлер за долгонајавуваниот римејк на култната криминална комедија „Голиот пиштол“, која во киносалите пристигнува на 31 јули.
Филмот го предводи Лиам Нисон, кој го толкува ликот на инспекторот Френк Дребин помладиот, син на оригиналниот Френк Дребин, кој го играше легендарниот Лесли Нилсен во старите филмови. Главната женска улога ја игра Памела Андерсон како Бет, фатална жена во која Дребин е вљубен.
Оригиналниот филм „Голиот пиштол“ од 1988 година е создаден како филмска адаптација на пародијската серија „Полициски одред!“ и веднаш доби култен статус благодарение на единствената комбинација од хумор, пародија на криминални заплети и харизмата на Лесли Нилсен. Филмот подоцна доби две продолженија – во 1991 и 1994 година – што дополнително го зацврсти неговиот статус како една од најомилените комични серијали на сите времиња.
Новиот филм е режиран од Акива Шафер, член на популарната комичарска група „Осамениот остров“ (The Lonely Island), додека сценариото го напишаа Ден Грегор и Даг Менд. Продуцент е Сет Мекфарлан.
Улогата на капетанот Ед помладиот, син на ликовите што претходно ги играа Ален Норт и Џорџ Кенеди, сега ја игра Пол Волтер Хаузер. Дени Хјустон, Кевин Дуранд и Лиза Коши исто така се појавуваат во филмот.
Лиам Нисон, познат по сериозните и акционите улоги, призна дека се чувствува малку несигурен во врска со влегувањето во светот на комедијата:
„Чест ми е што ја добив улогата на Френк Дребин, но сум и малку нервозен бидејќи досега играв претежно во сериозни или акциони филмови. Досега глумев само во комични скечеви – а ова е вистинска, целовечерна комедија од 95 или 100 минути“, изјави тој за „Колидер“, пренесува „Вариети“.
Неговата соработка со Памела Андерсон се покажа како полн погодок:
„Прво да кажам – лудо сум вљубен во неа“, рекол Нисон на шега.
„Памела е одлична партнерка, целосно приземјена, без суета. Таа доаѓа, ја завршува работата и блеснува. Таа е душевна, професионална и вистинско задоволство е да се работи со неа. Ќе биде фантастична во филмот.“
Првиот трејлер за новиот „Гол пиштол“ веднаш предизвика силни реакции кај фановите на интернет. Иако има скептици поради фактот дека станува збор за римејк, коментарите на социјалните мрежи се претежно позитивни.