Палестински новинар е убиен од израелските сили во северна Газа во саботата, соопшти Синдикатот на палестинските новинари, објави Анадолија.
Невладината организација соопшти дека Халед Ал Мадхун, снимател кој работел за официјалниот канал Палестина ТВ, бил застрелан од израелски оган во областа Зиким.
Ал Мадхун известувал од место каде што Палестинци се собрале во потрага по хуманитарна помош, кога се случил инцидентот.
„Ова е системска кампања против новинарите“
Синдикатот го осуди убиството како дел од „систематска кампања“ против новинарите со цел замолчување на палестинските гласови, нагласувајќи дека известувачите во Газа остануваат посветени на својата мисија „и покрај опасностите“.
Со смртта на Ал Мадхун, бројот на палестински новинари убиени во Газа од октомври 2023 година се искачи на 240, според медиумската канцеларија на владата во енклавата.
На почетокот на август Израел уби 6 новинари
На почетокот на овој месец Израел уби шест новинари, од кои петмина биле дел од Ал Џезира, во напад врз нивниот шатор во близина на болницата Ал-Шифа во градот Газа.
Новинарите во Газа постојано се мета на израелски напади, апсења и на закани, и покрај меѓународните предупредувања, во она што набљудувачите го опишуваат како обиди за замолчување на известувањето за војната.
Од октомври 2023 година, Израел убил повеќе од 62.600 Палестинци, најголем дел од нив жени и деца, во Газа. Воената кампања ја опустоши енклавата која што се соочува со глад.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на премиерот Бенјамин Нетанјаху и на поранешниот министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и за злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид во Меѓународниот суд на правдата за војната што ја води во енклавата.