Background

ОЗАКОНЕТА КОРУПЦИЈА: КАКО ПАРТИИТЕ ГО ИСПУМПУВААТ БУЏЕТОТ ПРЕКУ ЛАЖНИ ПОРТАЛИ

Платеното политичко рекламирање и системот на фиктивни медиуми на Локалните избори 2025

 ЗАКОНОТ ДОЈДЕ, НО ДУПКАТА ОСТАНА

Во април 2025 година Собранието на Република Северна Македонија со широк консензус ги усвои измените на Законот за медиуми, кои за прв пат во историјата на државата ги признаа онлајн медиумите , интернет-порталите , како официјални медиуми. Воведен е Регистар на издавачи на онлајн медиуми при АВМУ, со јасни услови: правно лице во Централниот регистар, македонски домен, седиште и уредништво во земјата, минимум двајца вработени со полно работно време. Законот стапи на сила на 29 април 2025 година.

Пет месеци подоцна, за Локалните избори 2025, се покажа дека новиот закон е мртво слово на хартија. Само 57 портали се запишале во официјалниот Регистар. Во истото тоа изборно натпреварување, за платено политичко рекламирање финансирано од државниот буџет се пријавиле 257 интернет портали , дел од вкупно 333 медиуми. Разликата помеѓу двете бројки е не само статистички јаз, туку систематска дупка преку која партиите испумпуваат државни пари.

I. СИСТЕМОТ: КАКО ФУНКЦИОНИРА ШЕМАТА

За да се разбере механизмот, треба прво да се разберат правилата на играта. Државата преку ДИК обезбедува буџет за платено политичко рекламирање , на Локалните избори 2025 тоа беше 397 милиони денари, околу 6,5 милиони евра, или 66 проценти од вкупниот изборен буџет. Секој учесник во изборниот процес може по договор да нарача реклами кај регистриран медиум. По завршувањето на изборите, медиумот доставува фактура до ДИК, а ДИК ги исплаќа средствата во рок од 30 дена.

- Advertisement -
Ad image

Максималниот износ по портал, по учесник , 15.000 евра. Ова звучи мало, но ако еден портал склучи договори со пет политички партии, тоа значи 75.000 евра за еден изборен циклус. Ако пак истиот сопственик регистрира три портали со различни домени , а во регистарот на ДИК точно тоа се случуваше , тогаш теоретскиот приход станува 225.000 евра. Без ниту еден новинар. Без ниту еден јавно достапен текст. Само со тековна состојба од Централен регистар и ценовник доставен до ДИК.

Формалниот услов за регистрација во ДИК е минимален: тековна состојба не постара од 30 дена. Ниту еден дополнителен критериум. Ниту проверка на содржина. Ниту верификација на редакција или вработени. Ниту увид во историјатот на порталот. ДИК истакнува дека постапува согласно Изборниот законик и дека нема законски основ да ги проверува пријавените медиуми надвор од пропишаните услови. Тоа е точно , но токму затоа проблемот е структурен, не административен.

II. ТРЕНДОТ: БРОЈОТ РАСТЕ СО СЕКОИ ИЗБОРИ

Феноменот не е нов, но постојано се зголемува. На парламентарните избори во 2020 година, за платено политичко рекламирање се пријавиле 235 портали. На локалните во 2021 , 176. На двојните парламентарни и претседателски избори во 2024 , рекордни 251. На Локалните 2025 , 257 портали, само во рамките на 333 пријавени медиуми.

Паралелно, официјалниот Регистар при АВМУ , оној со вистински услови , бројот го движи во обратна насока: 29 портали во јули 2025, 49 во август, 57 во ноември. Односно, на секој портал со условите исполнети, постојат уште четири и пол портали кои само сакаат пари , без да имаат ни вработен, ни редакција, ни новинар.

Порастот е директно поврзан со растот на буџетот за платено политичко рекламирање. Тие пари не доаѓаат ниту од партиите ниту од приватни донатори , ги плаќа секој даночен обврзник. И токму затоа оваа практика ја нарекуваат „озаконета корупција”: државата законски ги дели парите на граѓаните, без критериуми, во медиуми кои не постојат.

III. АНАТОМИЈА НА ЛАЖЕН ПОРТАЛ: ОСУМ ТИПОВИ НА ЗЛОУПОТРЕБА

Анализата на јавно достапниот регистар на ДИК за Локалните избори 2025 открива систематски обрасци на измама. Тука се осумте типови на сомнителни портали идентификувани во тој регистар:

Тип 1 — Портал кој воопшто не се отвора. Неколку домени во регистарот ако ги отворите во пребарувач , не прикажуваат ништо. Нема содржина, нема почетна страна, нема ниту порака „страницата е во изработка”. Едноставно , не постојат. Сепак, регистрирани се со ценовник и имаат право на до 15.000 евра по учесник во изборната кампања. Ова е наједноставниот облик на измама: регистрираш правно лице, купуваш домен, поднесуваш тековна состојба, наплаќаш.

Тип 2 — Портал отворен непосредно пред изборите. Одреден број домени прикажуваат датум на отворање само неколку недели пред распишување на изборите. Некои биле активни само неколку месеци пред пријавување. Тоа не е случајност , тоа е бизнис модел. Се регистрираш, минимално ги исполнуваш формалностите, пријавуваш ценовник, склучуваш договор со партија, наплаќаш по избори. После тоа порталот може слободно да замине во заборав до следните избори.

Тип 3 — Ист портал со три различни домени. Во регистарот можат да се најдат примери каде ист субјект пријавил исти содржини под три различни екстензии , .info, .mk и .net , секој со посебен ценовник, секој со посебно право на исплата. Ова е трипати помножен приход за ист „медиум” кој не произведува ниту едно новинарско писмо.

Тип 4 — Домен кој води до Google. Постојат случаи каде домен пријавен во регистарот, кога ќе се отвори, го пренасочи корисникот директно до Google пребарувач. Ова е дотолку дрско: портал кој при посета не прикажува ни своја содржина , само туѓа адреса , пријавен за буџетски пари.

Тип 5 — Портал со непозната или странска сопственост. Анализата на АВМУ утврдила дека во регистарот влегле и портали чии сопственици се неопределени, или каде контактните информации водат кон странство. Директорот на АВМУ Зоран Трајчевски јавно признал дека во изборни кампањи пари добивале портали од Косово, Албанија и Србија. „Јас не сум слушнал дека во некоја друга држава може да дојде медиум од трета држава и таму да биде користен за платено политичко рекламирање”, изјавил Трајчевски. „Се поставува прашањето кому се обраќаат тие портали, која е целната група?” Одговорот е едноставен: нивна целна група не се читателите , нивна целна група е ДИК.

Тип 6 — Маркетинг агенција пријавена како медиум. Во регистарот бил пријавен субјект кој, на својот сајт, не произведува новинарска содржина туку е чисто маркетинг претпријатие, при тоа со веб страна само на англиски јазик , иако е пријавен за политичко рекламирање во македонски избори. Ова ја илустрира целосната апсурдност: кој ценовник доставува маркетинг агенција за реклами во македонски општини?

Тип 7 — Поткаст без новинарска содржина. Пријавени се и платформи кои по природата на своите содржини не се новинарски медиуми , видео поткасти, тематски канали за забава , но формално можат да пријават „рекламен простор” и да земат пари. Изборниот законик не прави разлика: ако субјектот поднел ценовник и тековна состојба , правото на исплата е загарантирано.

Тип 8 — Портал поврзан со лице со историјат на злоупотреби. Особено скандалозен е случајот на портал кој во моментот на пријавувањето не можел да се отвори, а е поврзан со лице кое во минатото примило преку 30.000 евра за изборно рекламирање, иако и тогаш порталот немал ни редакција ни оригинална содржина. Ова покажува дека злоупотребите не се изолирани случаи , некои субјекти го прават тоа систематски, избор по избор.

IV. ПАРТИИТЕ ЗНААТ  И ТОА ,Е ВО НИВЕН ИНТЕРЕС

Клучното прашање е: зошто партиите ги финансираат овие „портали”? Одговорот не е ирационален , напротив, тој е сосема рационален во рамки на постоечкиот систем.

Кога партија дава 15.000 евра буџетски пари на фиктивен портал, таа всушност не троши свои пари. Трошат пари на граѓаните, кои ДИК ги дозначува директно. Дел од тие пари, под различни форми, можат да се вратат назад кон партијата , во вид на партиски мегафон, политичка услуга, или директен финансиски повраток. СЕММ тоа го нарекува „партиско-медиумска корупција”. ЗНМ зборува за „клиентелистички однос” помеѓу партии и медиуми. Трајчевски вели дека „моделот гради клиентелистички односи”. Сите ги нарекуваат работите со своето вистинско име , само законодавецот молчи.

Порталите кои немаат ни еден читател, ни еден претплатник, ни еден коментар , се медиуми само на хартија. Нивната единствена вистинска содржина е ценовникот поднесен до ДИК. И токму за тој ценовник партиите им плаќаат , со пари на граѓаните.

Механизмот функционира вака: партијата им „праќа” реклами на овие портали, прави договор, а ДИК по изборите ги исплаќа. Во регистарот ниту АВМУ ниту ДИК не се „надлежни” да проверуваат дали некој навистина видел тие реклами. Нема мерење на посетеност, нема независна проверка, нема технички доказ дека рекламата воопшто некому се прикажала.

V. КРИЗАТА НА НАДЛЕЖНОСТА: СИТЕ ОДГОВОРНИ, НИКОЈ НЕ ОДГОВАРА

Државниот завод за ревизија во извештаите по изборите 2024 година посочил јасна потреба: да се дефинираат критериуми кои електронските медиуми треба да ги исполнат за да аплицираат за платено политичко рекламирање, и да се одреди конкретен надлежен орган за следење. ДЗР нема моќ да го смени законот , само да укаже.

ОДИХР, меѓународниот набљудувач на изборите, итно препорача воспоставување „јасни и објективни критериуми за подобност на онлајн порталите за државно рефинансирање”. И ОДИХР укажал  и понатаму ништо.

ДКСК идентификувала законски нeусогласености во Изборниот законик и препорачала корекции. И ДКСК упатила препораки , ефект нула.

ДИК изјавила дека не е надлежна да проверува, и таа е во право , просто затоа што Изборниот законик не и го дал тоа право. Но законот го прават пратениците , не ДИК.

АВМУ , иако го воспостави Регистарот , нема никаква врска со парите за изборно рекламирање. Тоа е надлежност на ДИК, а ДИК го почитува Изборниот законик, не Законот за медиуми.

Накратко: три различни закони, четири различни институции, ниту една одговорност. Овој расцеп е структурна гаранција дека системот ќе продолжи да функционира во корист на оние кои сакаат да ги злоупотребат правилата.

VI. МАТЕМАТИКАТА НА ЗЛОУПОТРЕБАТА

Ако само 50 од 257 пријавени портали биле фиктивни или нефункционални , а со оглед на бројот на проблематичните случаи тоа е конзервативна проценка  и , секој склучил договори просечно со три политички субјекти за по 10.000 евра, тоа значи 1,5 милиони евра испумпани преку „медиуми” кои немале ни редакција ни читатели. Пари на граѓаните, исплатени законски, без никакви последици.

За споредба: целиот годишен буџет на МИМ — Македонскиот институт за медиуми, национална институција за медиумска едукација , е многу помал од сумата на само еден изборен циклус за овие фиктивни портали.

VII. ШТО Е ПОТРЕБНО: ЕДНО РЕШЕНИЕ, ВЕЌЕ ПОЗНАТО

Решението е апсолутно едноставно и наведено уште пред Локалните избори 2025  и пак игнорирано. Потребна е само еден законска измена во Изборниот законик: право на платено политичко рекламирање финансирано од буџетот на ДИК имаат исклучиво порталите запишани во Регистарот на издавачи на онлајн медиуми при АВМУ.

Со тоа: нема повеќе портали без редакција. Нема повеќе домени кои водат до Google. Нема повеќе маркетинг агенции со ценовник на македонски јазик. Нема повеќе „портали” отворени пред избори и затворени после. Нема повеќе три домени за ист субјект.

Ова решение не е ни скапо, ни компликувано, ни контроверзно. Тоа го бараат ЗНМ, АВМУ, СЕММ, ОДИХР, Државниот завод за ревизија. Тоа е пропишано во духот на измените на Законот за медиуми. Единственото нешто кое го спречува е волјата на политичките партии , кои профитираат токму од постоечкиот систем.

ЗАКЛУЧОК: РЕГУЛАЦИЈАТА КАО ДЕКОРАЦИЈА

Измените на Законот за медиуми од 29 април 2025 беа прогласени за историска пресвртница. Во пракса, покажаа дека законот без финансиска логика зад него е само декорација. Регистарот на АВМУ постои, условите постојат, институцијата постои , но парите и понатаму течат низ истиот стар канал, без никаков услов, без никаков надзор, без никакви последици.

Секои нови избори во Северна Македонија значат нова пролиферација на „портали” , секој со ценовник, ниту еден со новинар. Бројот расте: 176, 235, 251, 257. Следниот изборен циклус, ако законот не се смени, може лесно да достигне 300 или 320. А со секоја нова бројка расте и сумата испумпана кон ентитети кои постојат само на хартија.

Тоа не е медиумски пазар. Тоа е организирано перење на буџетски пари , легализирано со закон, толерирано со молк.


Анализата е подготвена врз основа на јавно достапни документи на ДИК, АВМУ, ЗНМ, МИМ, СЕММ, Државниот завод за ревизија и извештаите на ОДИХР, мај 2026.

Сашо ДЕНЕСОВСКИ-ОХРИДСКАЈ

 

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation