Ова се условите на Кремљ за мир во Украина

Lorita
By Lorita
6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Владимир Путин бара Украина да се откаже од целиот источен регион Донбас, да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО, да остане неутрална и да спречи западни трупи да влезат во земјата, изјавија за Ројтерс три извори запознаени со размислувањето на Кремљ.

Рускиот претседател се сретна со Доналд Трамп во Аљаска во петокот на првиот руско-американски самит по повеќе од четири години. Според изворите, кои зборуваа под услов да останат анонимни, речиси целиот тричасовен состанок зад затворени врати бил посветен на дискусија за можен компромис за Украина.

По состанокот, Путин, заедно со Трамп, изјави дека се надева оти состанокот ќе го отвори патот за мир, но ниту еден од лидерите не даде детали за разговорите. Во најдеталниот извештај досега од Русија за понудата на Путин, Ројтерс беше во можност да ги скицира контурите на она што Кремљ го сака во потенцијалниот мировен договор за ставање крај на војната што одзеде стотици илјади животи.

Детали за понудата на Путин

Руски извори велат дека Путин се согласил на компромис за неговите територијални барања од јуни 2024 година, кога побара од Киев да ги отстапи сите четири региони што Москва ги смета за дел од Русија: Донецк и Луганск на исток, кои го сочинуваат Донбас, и Херсон и Запорожје на југ. Киев ги отфрли тие услови во тоа време како покана за предавање.

Во новиот предлог, рускиот претседател продолжува да инсистира Украина целосно да се повлече од деловите на Донбас што сè уште ги контролира. За возврат, Москва би ги замрзнала сегашните фронтовски линии во Запорожје и во Херсон, додадоа изворите. Според американските проценки, Русија контролира околу 88% од Донбас и 73% од Запорожје и Херсон.

Како дел од евентуален договор, Москва е подготвена да предаде мали делови од украинските региони Харков, Суми и Дњепропетровск што ги контролира.

Путин останува посветен на барањето Украина да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО, заедно со правно обврзувачка гаранција дека воениот сојуз нема да се шири кон исток. Тој, исто така, бара ограничувања на украинската војска и договор дека нема да бидат распоредени западни трупи во Украина, дури ни како мировници.

Реагираат Киев и Западот

И покрај новите предлози, двете страни остануваат дистанцирани.

Претседателот Володимир Зеленски постојано ја отфрла идејата за откажување од меѓународно признатата територија, велејќи дека Донбас служи како бедем против понатамошна руска пенетрација.

- Advertisement -
Ad image

– Ако зборуваме за едноставно повлекување од исток, не можеме да го сториме тоа. Ова е прашање на опстанок на нашата земја, вклучувајќи ги и најсилните одбранбени линии – им рече тој на новинарите.

Членството во НАТО е стратешка цел загарантирана во уставот на Украина и Киев го гледа како клучна безбедносна гаранција. Зеленски рече дека не е до Русија да одлучи. Белата куќа и НАТО не одговорија веднаш на барањата за коментар.

Сомнежите на аналитичарите и улогата на Трамп

Политичкиот аналитичар Самуел Чарап од американскиот тинк-тенк РАНД оцени дека секое барање за повлекување од Донбас е сè уште неприфатливо за Киев, и политички и стратешки.

- Advertisement -
Ad image

– Отвореноста кон мир под услови кои се категорично неприфатливи за другата страна може да биде повеќе претстава за Трамп, отколку знак на вистинска подготвеност за компромис. Единствениот начин да се тестира таа претпоставка е да се почне сериозен процес на работно ниво, за да се разработат тие детали – рече тој.

Трамп рече дека сака да го заврши „крвопролевањето“ и да биде запаметен како „претседател кој создава мир“. Во понеделник, тој рече дека почнал со организирање состанок меѓу рускио и украинскиот лидер, по што ќе следи трилатерален самит.

– Верувам дека Владимир Путин сака ова да заврши. Уверен сум дека ќе го решиме тоа – рече Трамп заедно со Зеленски во Овалната соба.

Дипломатски напори и можни договори

Два руски извори тврдат дека специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, е одговорен за подготовката на самитот. Виткоф се сретна со Путин во Кремљ на 6 август, каде што рускиот претседател ја изрази својата подготвеност за компромис и ја презентираше рамката на можен мировен договор.

Доколку Русија и Украина се согласат, постојат неколку опции за формализирање на договорот, вклучувајќи трилатерален договор Русија-Украина-САД што би бил признаен од Советот за безбедност на ООН. Друга можност е враќање на неуспешниот Истанбулски договор од 2022 година, според кој Украина би добила безбедносни гаранции од петте постојани членки на Советот за безбедност во замена за трајна неутралност.

Сепак, лидерите на Велика Британија, Франција и на Германија изразија скептицизам во врска со искрената желба на Путин да ја заврши војната. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Путин е подготвен да се сретне со Зеленски, но го доведе во прашање легитимитетот на украинскиот претседател, чиј мандат формално истекува во мај 2024 година.

– Постојат два избора: војна или мир, а ако нема мир, тогаш има уште војна – заклучи еден од изворите на Ројтер.

Share This Article