Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски информира дека на средба со откупувачи и преработувачи на пиперка е договорено откупот на пиперката да се одвива со одбитоци не поголеми од 3%, а откупната цена да не биде пониска од 25 денари за килограм пиперка откупена на рефус.
Исто така, договорена е и динамиката на откупот, при што целото производство на пипер са биде откупено. На секој откупен пункт ќе има инспектор кој ќе го следи откупот и нема да дозволи манипулации во самиот процес.
– Заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, ги посетивме откупните центри во Кривогаштани и Могила, каде што извршивме увид во откупниот процес на пиперката. Ова е резултат на нашата постојана грижа за заштита на интересите на земјоделците и обезбедување на фер услови при откупот на земјоделските производи. Земјоделството е приоритет и ние сме тука да ги штитиме правата на секој земјоделец – изјави Трипуновски.