Иако изборите се закажани дури во 2026 година, во Унгарија веќе е во тек жестока кампања. Премиерот Виктор Орбан користи вештачка интелигенција за да го нападне својот ривал Петер Маѓар, ветувајќи им на граѓаните повисок животен стандард.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан е на власт 15 години. Иако парламентарните избори во Унгарија нема да се одржат до април 2026 година, Орбан веќе започна кампања во која ветува повисоки плати и пензии, намалување на даноците и пониски каматни стапки за станбени кредити за млади луѓе.
Францускиот весник „Ле Монд“ објави дека тимот на Орбан стои и зад видеата што користат вештачка интелигенција за да го нападнат неговиот главен политички ривал Петер Маѓар – во кои се вели дека Маѓар лажно ветува намалување на пензиите. Провладините таблоиди објавија и фотографија генерирана од вештачка интелигенција на Маѓар како куче на сите четири нозе, водено на поводник од претседателот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер.
Маѓар, лидер на партијата Тиса, која според анкетите има дури и поголема поддршка од партијата на Орбан, исто така започна кампања во градот Ѓур. Неговиот централен слоган е дека ќе „обнови функционална и хумана Унгарија“ и ќе воведе мерки за борба против корупцијата.
Опозицискиот лидер нагласува дека неговата партија и нејзините поддржувачи се соочуваат со „моќната пропагандна машина на Орбан, тајните служби и неограничените државни средства“. Маѓар им се обраќа на центристичките и либералните гласачи, како и на разочараните поддржувачи на владејачката партија Фидес. Тој е решен да го смири спорот со Европската Унија.
Питер Маѓар
ЕУ ја обвини владата на Орбан за кршење на владеењето на правото и несоодветна борба против корупцијата, што резултираше со задржување на 20 милијарди евра од европскиот буџет од Будимпешта. Британскиот весник „Гардијан“ истакнува дека десничарскиот националист Орбан го ставил противењето на европското финансирање на војната во Украина во фокусот на својата кампања и ги повикува Европејците директно да преговараат со Москва за прекин на борбите. Орбан верува дека влезот на Украина во ЕУ би значело дека Европа директно влегла во војна со Русија.



























