Главниот командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски, соопшти дека украинските сили го запреле напредувањето на руските трупи во пограничните области на Сумската област и ја стабилизирале фронтовата линија, објави украинска Правда.
Сирски изјави дека украинските единици применуваат тактика на активна одбрана и дека успешно ослободуваат украинска територија во пограничните делови на Сумската област.
Тој наведе дека околу 50.000 руски војници, вклучително и елитни воздушно-десантни сили и марински бригади, биле прераспоредени на фронтот Северна Слобожанштина и на Курскиот фронт.
„Нашите офанзивни дејства во областа Глушково, Курска област, го натераа непријателот да распореди дел од трупите за да ја заштити својата територија. Тоа значително ги намали офанзивните способности на главната група непријателски сили на Сумскиот фронт“, рече тој.
Сирски истакна дека е формирана специјална група за одбрана на градовите и на заедниците во Сумската област долж фронтот на Северна Слобожанштина.
„Главните задачи се зајакнување на утврдувањата и за зголемување на системот на инженериски и фортификациски бариери. Именувано е и официјално лице кое директно ќе биде одговорно за подготовка на градовите и на заедниците во Сумската област за одбрана и за ефикасноста на системот на инженериски пречки во веројатните насоки на непријателска офанзива,“ додаде Сирски.
На 24 јуни 2025 година, Државната гранична служба на Украина соопшти дека е забележано намалување на активноста на руските сили во Сумската област, иако мали јуришни групи сè уште дејствуваат во некои подрачја.
На 14 јуни 2025 година, претседателот Володимир Зеленски објави дека украинските одбранбени сили го ослободиле селото Андријивка.