Неколку експлозии одекнаа во индискиот дел од Кашмир само неколку часа откако американскиот лидер Доналд Трамп објави дека е постигнат прекин на огнот со Пакистан.
Жителите на тој дел од државата Кашмир велат дека гласните експлозии во Сринагар и Џаму биле проследени со прекини на електричната енергија во двата града.
Омар Абдула, највисокиот избран функционер во регионот, го објави ова на социјалните мрежи.
– Што по ѓаволите се случи со прекинот на огнот, експлозии се слушаат низ целиот Сринагар – напиша Абдула.Одекнаа експлозии во Кашмир
Прекугранично гранатирање и пукање беа пријавени и од најмалку 5 места по должината на таканаречената Линија на контрола – границата што го дели спорниот Кашмир меѓу двете нуклеарно вооружени држави.
Индиски владин извор изјави денеска дека Пакистан го прекршил прекинот на огнот договорен само неколку часа по разговорите предводени од САД.
Заменик-премиерот на Пакистан, Ишак Дар, претходно изјави дека двете страни се согласиле за прекин на огнот што ќе стапи на сила веднаш.
– Пакистан отсекогаш се стремел кон мир и безбедност во регионот без да го загрози својот суверенитет и територијален интегритет – рече Дар.
Индискиот министер за надворешни работи Викрам Мисри, исто така, потврди дека и Индија и Пакистан ќе „прекинат со секаков оган и воени дејствија“ од 17 часот по локално време.