Има терапија што може да ги замени лековите што недостасуваат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, изјави министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција.
Тој рече дека разговарал со директорот на клиниката и бил информиран во детали за што станува збор.
– Јас пред состанокот се слушнав со директорот на Онкологија, бев информиран во детали, се работи за три – четири лека, што недостасуваат, не повеќе од четири дена. Од вторник, сите лекови, бидејќи процедурата е завршена на 11, меѓутоа се чека, има право за жалба. Тоа се процедурите. Мора да ги причекаме и после тоа, од вторник, сите овие лекови ќе бидат достапни за сите пациенти. Меѓутоа во меѓувреме за сите лекови што недостасуваат, а се четири, има терапија што може да го замени лекот што недостасува – одговори Таравари на новинарско прашање.
Министерот рече дека треба да се размислува за законски измени за да не се случува поради административни процедури, да недостасуваат лекови.