Обвинителството работи на два предмета поврзани со спорните легализации во Општина Чаир, кои, според државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, најверојатно ќе бидат споени затоа што се меѓусебно поврзани и содржат доволно докази за понатамошно постапување.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Коцевски посочи дека истрагите продолжуваат и дека обвинителството никогаш немало намера да ги затвори случаите без одговорност.
– Тие два предмета најверојатно ќе се спојат или се споени, затоа што се и меѓусебно поврзани, има доволно докази, ќе видиме натаму како ќе се одвива. Значи, се водат два предмети во моментов, беа заведени два предмети – рече Коцевски.
Тој објасни дека едниот предмет се води по допрен глас во Основното јавно обвинителство – Скопје, а другиот произлегува од пријавата на поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, поднесена во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Коцевски не откри дали се потврдени фалсификати, но нагласи дека се собираат докази сè до моментот на донесување јавнообвинителска одлука.



























