Испитувањето на оштетените лица во истрагата за трагичниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани е планирано да започне на почетокот на мај, соопшти Јавното обвинителство.
Од таму информираат дека поради големиот број оштетени и засегнати лица, ќе следи дополнително известување со детали за распоредот и динамиката на испитувањата.
Обвинителскиот тим кој работи на предметот, како што велат од ЈО, интензивно презема итни и неодложни дејствија, кои во моментот вклучуваат сослушувања и координација на вештачења неопходни за обезбедување докази за кривичната постапка.
„Во тек е прибирање на сите потребни податоци и контакти од оштетените и семејствата на настраданите, како и информации за нивните полномошници. Во зависност од здравствената состојба на повредените и другите околности, обвинителството ќе ги извести сите засегнати навремено за нивното учество во постапката“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.
Во истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година, а во кој загинаа 62 лица, се осомничени 68 физички и три правни лица.
Пожарот беше предизвикан од искри од пиротехнички ефекти за време на концерт на групата „ДНК“. Дискотеката работела без валидна лиценца и прекршувала бројни безбедносни стандарди, вклучувајќи недостаток на противпожарни системи и доволно излези за евакуација.