Легендарниот тенисер Новак Ѓоковиќ конечно го освои својот 100-ти трофеј во сингл, откако со пресврт го совлада Хуберт Хуркач со 5-7, 7-6 (2), 7-6 (2) по повеќе од 3 часа борба, станувајќи шампион на Женевскиот опен во саботата, објави Хиндустан тајмс.
Ѓоковиќ ги загуби претходните два финалиња откако го освои 99-от трофеј пред 9 месеци на Олимписките игри во Париз, на Ролан Гарос.
Овој јубилеен успех дојде по типично тешкиот и маратонски натпревар, само 2 дена по неговиот 38-ми роденден, во присуство на неговото семејство во швајцарскиот град, каде што живеат и некои негови роднини.
– Само сум благодарен што 100-ката ја освоив токму тука. Морав жестоко да се потрудам за неа, тоа е сигурно – изјави Ѓоковиќ во интервју на теренот.
Со ова, Ѓоковиќ се приклучи на тениските легенди Џими Конорс (109 титули) и Роџер Федерер (103) како единствените тројца тенисери во Опен ерата со 100 или со повеќе титули.
Сега тргнува назад кон Париз, каде што ќе се обиде да ја зголеми бројката од 24 гренд-слем титули, а во првото коло на Ролан Гарос ќе игра против Американецот Мекензи Мекдоналд.
Прв човек со титули во 20 различни сезони
Србинот победи со ас по средина за да ја комплетира неверојатната пресвртна победа, откако за првпат го скрши сервисот на Хуркач при резултат 3-4 во третиот сет. Таа шанса ја искористи со форхенд удиран крос на мрежа, откако Хуркач изведе ниска полуволеј топка.
– Хуберт беше веројатно поблиску до победата во текот на целиот меч отколку јас. Не знам ни сам како му го скршив сервисот – изјави Ѓоковиќ.
Тој стана првиот маж во Опен ерата кој освоил титула во 20 различни сезони.
Ѓоковиќ ја освои својата прва титула во јули 2006 година во Амстерфорт, Холандија, против Николас Масу, кој сега го тренира токму Хуркач.
– Инспиративен е начинот на кој се претставуваш и на теренот и надвор од него. Навистина е неверојатно што си постигнал – му рече Хуркач на Ѓоковиќ за време на церемонијата за доделување на трофејот.
Ѓоковиќ го подигна пехарот пред 3 златни балони со бројот 1-0-0, поставени на теренот.
Доаѓа во Женева со очајничка потреба
Од Олимписките игри во Париз наваму, Ѓоковиќ ги загуби финалињата на Мастерсите во Шангај (од Синер) и во Мајами (од Меншик во март).
Во Женева дојде поради потребата за играње и враќање во форма, откако во април имаше брзи елиминации на турнирите во Монте Карло и во Мадрид.
Истовремено, му се укажа можност да помине време со своето пошироко семејство во Женева, каде што има тетка, чичко и братучеди. Неговата сопруга и децата му се придружиле таму за роденденот „откако прескокнаа еден ден училиште“, се пошегува Ѓоковиќ.
Како се одвиваше мечот?
Ѓоковиќ имаше шанси за брејк уште во првите 2 сета, но не ги искористи. Во првиот сет, при 2-2, Хуркач со ас ја спаси втората брејк-топка. Сетот го освои токму со единствената брејк-шанса, откако Ѓоковиќ направи двојна грешка.
Во вториот сет, Хуркач одново се одбрани на првата шанса, но Ѓоковиќ доминираше во тајбрејкот и ја форсираше одлуката.
Во третиот сет, Хуркач веднаш го скрши сервисот и поведе, но Ѓоковиќ возврати со спектакуларен пресврт и го заврши мечот со ас.