Корисниците кои се обидуваат да пристапат до услуги поврзани со „Cloudflare“ имаат проблеми со тоа.
Корисниците на платформата „X“ беа најпогодени, но исто така и „ChatGPT“ и други услуги, а проблемите ги забележаа корисниците на бројни веб-страници во Македонија.
Проблемите со работењето на веб-страниците започнаа кратко пред 13 часот и главно се однесуваат на оние страници што користат автентикација.
„Cloudflare“, давател на интернет инфраструктура, испорачува клучни технологии што напојуваат многу онлајн услуги, вклучувајќи алатки за заштита на веб-страниците од сајбер напади и одржување на операциите за време на периоди на голем интернет сообраќај.
„Cloudflare“ издаде соопштение: „’Cloudflare’ е свесен за проблемот што потенцијално влијае на повеќе корисници и го истражува. Повеќе детали ќе бидат објавени кога ќе бидат достапни повеќе информации“.
Сличен проблем на интернет се појави пред нешто помалку од еден месец, кога големите глобални веб-страници и апликации престанаа да работат по колапсот на „AWS“ (Amazon Web Services).
Недолго потоа, друг давател на интернет услуги, „Microsoft Azure“, имаше проблеми.



























