Нобеловата награда за медицина за оваа година пристигнала како изненадување за тројцата добитници.
Еден од нив, д-р Фред Рамсдел, во моментот на објавувањето бил недостапен, зашто планинарел во зафрлените предели на Ајдахо. Другата добитничка, Мери Бранкоу, го одбила повикот од Шведска во два ипол по полноќ, мислејќи дека е спам.
– Д-р Фред Рамсдел ужива во животот и првично не ни беше достапен бидејќи планинарел – изјави портпаролот на биотехнолошката компанија „Сонома Биотерапевтикс“, каде што Рамсдел е коосновач.
Шведската академија ја објавила одлуката во 11:30 часот претпладне, што на американскиот Западен Брег било среде ноќ – 2:30. И двајцата американски добитници живеат таму. Затоа не е чудно што телефонот не бил најдобар начин да ги пронајдат. Според пријателот и колега на Рамсдел, Џефри Блустоун, тој не ни претпоставувал дека би можел да добие награда, па затоа го исклучил телефонот и отишол да дише планински воздух.
Научникот бил пронајден дури вечерта, кога раководителот на лабораторијата конечно успеал да стапи во контакт. Рамсдел веднаш се симнал од планината и се упатил кон дома.
Во меѓувреме, другата добитничка, Мери Е. Бранкоу, била будна, но не и расположена за повици од странство.
– Да, ми заѕвони телефонот. Видов дека е од Шведска и помислив дека е спам, па го исклучив и повторно заспав – рече Бранкоу.
Таа работи во Институтот за системска биологија во Сиетл, каде што ја води независна истражувачка програма. Всушност, неа ја разбудиле нејзиниот сопруг и нивното куче, заедно со новинарите што им тропнале на вратата.
Главниот секретар на Комитетот за Нобелова награда за медицина, Томас Перлман, признал:
– Ги имаме нивните телефонски броеви, но веројатно ги смениле поставките за звук и вибрација. Ги замолив да ми се јават штом ќе имаат можност.
Третиот добитник на наградата, Јапонецот Шимoн Сакагучи се чини дека без проблем ја примил веста за Нобеловата награда.
– Тоа беше некое пријатно изненадување, и многу сум задоволен што нашиот придонес во имунологијата, особено во областа на имунолошката толеранција, е признат – изјавил тој.
Како што рекол, тој бил во Јапонија и токму се вратил од една конференција кога го добил повикот. Самото известување го затекнало подоцна, кога веќе бил во неговиот работен простор.
Што открија тројцата овогодишни Нобеловци во медицината? Сакагучи, Бранкоу и нејзиниот сонародник Рамсдел, ја добија наградата за откритие што го менува сфаќањето за имунолошката рамнотежа.
Нивната работа објаснува како телото развива механизам за „периферна толеранција“, способноста да не реагира на сопствените клетки и ткива. Овој процес е клучен за спречување на автоимуни болести.
Уште во 1995 година, Сакагучи идентификувал посебна популација Т-лимфоцити (CD4⁺CD25⁺), кои ја вршат улогата на внатрешни имунолошки регулатори. Тие го смируваат имунитетот кога има ризик од напади на сопственото тело.
Неколку години подоцна, Бранкоу и Рамсдел откриле дека генот Foxp3 е задолжен за создавање и функционирање на тие „регулаторни“ Т-клетки. Кога овој ген е мутиран, како што покажале и на примерот на глувци и кај луѓе со редок IPEX синдром, телото губи контрола, и почнува да се напаѓа самото себе.
Благодарение на ова тројно откритие, денес повеќе од 200 клинички испитувања се обидуваат да користат „Treg“ клетките како нова форма на терапија, за лечење автоимуни болести, трансплантации и дури за имунотерапија на рак.