Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија и поранешен руски претседател, Дмитриј Медведев остро реагираше на изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски кој во интервју „Шоуто на Аксиос“ изјави дека ако Русите не ја завршат војната, ќе им бидат потребни нивните засолништа од бомби, притоа имплицирајќи бомбардирање на Кремљ.
Медведев на Икс напиша:
„Наркоманот во Киев рече дека Кремљ треба да знае каде има засолниште од бомби за да можат неговите жители да се кријат кога тој користи американско оружје со долг дострел. Она што треба да го знае изродот е дека Русија може да користи оружје и ниту едно засолништето од бомби нема да ја заштити (Украина). Американците исто така треба ова да го имаат предвид“.
Размената на зборови меѓу Зеленски и Медведев доаѓа откако Зеленски имаше сребди американскиот претседател Доналд Трамп во Обединетите Нации. Трамп по средбата на социјалните мрежи објави дека Украина може да ги врати своите територии какви што биле пред почетокот на војната.
Последните изјави на Трамп во јавноста од аналитичарите се протолкувани како драстична промена на политиката на САД кон Русија.
Притоа Зеленски во интервју за Аксиос откри дека има експлицитна поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп за изведување целни удари врз руските енергетски објекти и фабрики за оружје, под услов Украина да добие дополнително оружје со долг дострел.
Зеленски исто така изјави дека ќе даде оставка откако ќе заврши војната, но дека во моментот неговата земја мора решително да продолжи да одговара на руските напади.
Во мај 2023 година, два дрона експлодираа над Кремљ, каде што се наоѓа канцеларијата на рускиот претседател. Тогаш Киев негираше каква било вмешаност во инцидентот.
Кремљ е оддалечен од украинската граница околу 450 километри.