Научниците веројатно пронајдоа нова планета во системот Алфа Кентаури, најблиското ѕвездено соседство на Земјата. Дали има живот на месечините на овој гасен џин?
Најновите набљудувања со средноинфрацрвениот инструмент на Веб (MIRI) сега го дале најсилниот доказ досега за постоење на гасен џин околу ѕвездата Алфа Кентаури А.
Доколку се потврди, оваа планета би била најблискиот познат свет што орбитира во населивата зона на ѕвезда слична на Сонцето. Сепак, бидејќи станува збор за гасен џин, научниците не веруваат дека би можела да поддржува живот каков што го познаваме.
– Со тоа што овој систем е толку близок до нас, секоја откриена егзопланета би ни дала најдобра можност да собереме податоци за планетарни системи различни од нашиот. Но, овие набљудувања се неверојатно тешки за изведување, дури и со најмоќниот вселенски телескоп на светот, бидејќи ѕвездите се толку сјајни, блиски и бргу се движат по небото – изјави Чарлс Бајхман од НАСА, коавтор на новите трудови.
Мистеријата на „исчезнатата“ планета
Првите набљудувања на системот се извршени во август 2024 година, користејќи коронографска маска на MIRI за да се блокира светлината на Алфа Кентаури А. Дополнителната светлина од блиската ѕвезда Алфа Кентаури Б ја отежнала анализата, но тимот успеал да ја одземе светлината од двете ѕвезди и да открие објект кој е повеќе од 10.000 пати поблед од Алфа Кентаури А, оддалечен двојно повеќе од растојанието меѓу Сонцето и Земјата.
Иако првото откритие било возбудливо, на тимот му биле потребни повеќе податоци за цврст заклучок. Но, дополнителните набљудувања во февруари и во април 2025 година не откриле објект сличен на оној забележан во август 2024 година.
– Се соочуваме со случај на исчезната планета! За да ја истражиме мистеријата, користевме компјутерски модели за симулација на милиони можни орбити, вклучувајќи го знаењето кога ја видовме планетата и кога не ја видовме – изјави коавторот на ова истражување, Аникет Санги од Калтех.
Симулација на милиони можни орбити
Во симулациите, тимот ги земал предвид и набљудувањата од 2019 година на потенцијалната егзопланета направени со Многу Големиот Телескоп (VLT) на Европската Јужна Опсерваторија, како и новите податоци од Веб, и орбити кои би биле гравитациски стабилни во присуство на Алфа Кентаури Б – за планетата да не биде исфрлена од системот.
Истражувачите велат дека тоа што не се гледала планетата во втората и во третата рунда набљудувања со Веб не е изненадувачко.
– Откривме дека кај половина од можните симулирани орбити, планетата се доближува премногу до ѕвездата и не би можела да биде видлива за Веб во февруари и во април 2025 година – вели Санги.
Планета со маса на Сатурн во елиптична орбита
Врз основа на сјајноста на планетата во средноинфрацрвените набљудувања и орбиталните симулации, истражувачите велат дека станува збор за гасен џин со маса приближно како Сатурн, кој орбитира околу Алфа Кентаури А по елиптична патека меѓу една и две астрономски единици (растојанието меѓу Сонцето и Земјата).
– Ако се потврди нејзиното постоење, потенцијалната планета од Алфа Кентаури А би била ново достигнување за напорите во директно сликање егзопланети. Од сите директно снимени планети, оваа би била најблиску до својата ѕвезда досега. Исто така е најслична по температура и возраст на гасните гиганти во нашиот Сончев систем, и најблиска до нашиот дом – Земјата. Нејзиното постоење во систем од две блиски ѕвезди би ги предизвикало нашите сфаќања за тоа како планетите се формираат, опстануваат и еволуираат во хаотични средини – вели Санти.
Промена на иднината на науката за егзопланети
Доколку се потврдат резултатите со дополнителни набљудувања, ова би можело да ја промени иднината на науката за егзопланети.
– Ова би станало референтен објект за истражувањето на егзопланети, со повеќе можности за детална карактеризација од Веб и други опсерватории – вели Бајхман.