Најмалку 29 ученици загинаа денеска во стампедо што следеше по експлозија во средно училиште во главниот град на Централноафриканската Република, Банги, соопштија локалните власти.
Во соопштението се додава дека најмалку 260 лица се повредени и се лекуваат во болници.
Претседателот на републиката прогласи тридневна жалост, се вели на социјалните мрежи. Во други објави се шпекулира дека експлозијата на трансформатор за струја ги предизвикала паниката и гужвата.
Министерството за образование на Централноафриканската република соопшти дека експлозијата се случила додека над 5.000 ученици од шест други училишта ги полагале своите завршни испити во испитниот центар лоциран во средното училиште „Бартелеми Боганда“ во Банги.
Министерството соопшти дека ќе испита како се случил инцидентот и вети дека ќе обезбеди непречено продолжување на испитната сесија.