На три локации на првиот крак на Халкидики, општина Касандра, со помош на грчката полиција, вчера спроведе нова акција за отстранување на нелегално поставените чадори, столици, лежалки и слична опрема на плажите.
Од Општината информираа дека акцијата помеѓу Полихроно, Ханиоти и Пефкохори, била по пријави од граѓани и по претходни контроли.
Конфискуваната опрема нема да биде вратена, а ваквите акции и инспекции ќе продолжат и во други области, каде што се евидентирани недозволено поставени чадори на плажите.
– Ги повикуваме сите оние кои нелегално го окупирале брегот веднаш да ја отстранат опремата, избегнувајќи ги предвидените административни и кривични последици. Општина Касандра, со доследност и решителност, го брани јавниот простор и спроведувањето на законот – соопштија од Општината.
Вакви ненајавени акции беа спроведени и во текот на минатиот месец, а претходеше соопштение од Општината и објава на социјалните мрежи на три јазици: англиски, германски и српски, со што беше најавено интензивирање на контролите за отстранување на предмети што нелегално го зафаќаат јавниот и слободен простор на плажите.