На крајот на февруари 2025 година, официјалните девизни резерви изнесуваат 4,861 милијарди евра, покажуваат податоците на Народна банка.
Во февруари девизните резерви се повисоки за 524 милиони евра во однос на јануари годинава и пониски за 168 милиони евра во однос на декември лани кога изнесуваа повеќе од 5 милијарди евра.
Како и вообичаено најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност ( 76,2%) по што следуваат монетарното злато (12,5%) и валутите и депозитите (11,3%).
Споредбата со јануари годинава и крајот на 2024 година покажува дека централната банка го променила пласманот на резервите. Повеќе пласирала во хартии од вредност и монетарно злато, а помалку во депозити и во валути.
Така во хартии од вредност во јануари беа пласирани 56,4% , во валути и во депозити 33,9% и во монетарното злато 9,6%.
Во декември лани во хартии од вредност беа пласирани 70,1% од девизните резерви, во валути и во депозитите 18,8% и во монетарното злато 11%.
Девизните резерви на крајот на јануари изнесуваа 4,337 милијарди евра, додека пак на крајот на декември 2024 година изнесуваа 5,029 милијарди евра кога достигнаа историски максимум.
Девизните резерви се средства веднаш достапни и расположливи за монетарната власт, во чија надлежност е и контролата врз нив. Служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар. Пред сѐ, за да се влијае врз девизниот курс, како и за други цели. Во суштина, основната функција им е да ја заштитат економијата од негативни надворешни шокови, за редовно сервисирање на надворешниот јавен долг и интервенции на девизниот пазар.