Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска одржа заедничка прес-конференција со Сојузната министерка за Европа, интеграција и семејство на Република Австрија, Клаудија Плаколм и со Државната секретарка за европски прашања на Република Словенија, Нева Грашич, во рамките на нивната работна посета на Скопје.
На прес-конференцијата, министерот Муртезани ја истакна блиската и пријателска соработка со Австрија и Словенија, нивната континуирана и принципиелна поддршка за европскиот пат на Северна Македонија, како и заедничката посветеност на продлабочување на партнерството во рамките на европската агенда.
Во своето обраќање, министерот посебно изрази благодарност за солидарноста и помошта што двете држави ја пружија при гаснењето на пожарите во земјава, нагласувајќи дека таквите гестови претставуваат вистинско пријателство на дело и израз на европска блискост и заедништво.
Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на министерот за европски прашања, Орхан Муртезани:
Почитувана госпоѓо Плаколм, почитувана госпоѓо Грашич, почитувани претставници на медиумите, дами и господа,
Секогаш е вистинско задоволство кога во Скопје доаѓаат наши пријатели од Австрија и од Словенија – земји со кои нѐ поврзуваат искрени пријателства, долгорочни партнерства и длабока европска блискост. А кога ги пречекуваме и двете делегации истовремено, тоа добива уште поголема симболика затоа што и Австрија и Словенија отсекогаш биле гласни поддржувачи на европската перспектива на Северна Македонија, но и пример како се градат односи на доверба, заемна почит и конкретна солидарност.
Во тој контекст, би сакал, пред сè, да упатам искрена благодарност до Австрија и Словенија за помошта што ни ја пружија во гаснењето на пожарите изминативе лета. Поддршката од австриските пожарникарски тимови и донацијата на специјализирани противпожарни возила од Покраината Тирол е вистинско пријателство на дело. Исто така, длабоко сме благодарни за брзата и ефикасна реакција на словенечките служби и тимови кои помогнаа при справувањето со огнените стихии, покажувајќи вистинска европска солидарност и човечка блискост во моменти кога најмногу беше потребно. Ја користам оваа прилика, преку вашето присуство, госпоѓо Плаколм и госпоѓо Грашич, да изразам длабока благодарност и до словенечкиот и до австрискио народ за искрената солидарност и човечката блискост што ги покажаа во тие критични моменти. Таа подготвеност да се помогне без двоумење ја надминува рамката на институционална соработка – тоа е израз на вистинско заедништво и доверба меѓу нашите земји.
На средбата со министерката Плаколм и државнста секретарка за европски прашања Грашич зборувавме за зајакнувањето на соработката во европските интеграции и институционалното поврзување, економската соработка, енергетската транзиција и развојот на одржливи политики во полза на граѓаните. Австрија и Словенија се меѓу нашите најдоследни партнери и поддржувачи во процесот на пристапување кон Европската Унија, но и во напорите Северна Македонија да остане двигател на стабилноста и реформите во регионот. Австрија, преку својата активна поддршка во рамките на политиката на проширување и преку Австриската агенција за развој, е присутна во повеќе сегменти на нашите реформски процеси: од зајакнувањето на институциите и владеењето на правото, до економскиот развој и заштитата на животната средина. Словенија, земја со која нѐ поврзува заедничко минато и со која имаме долга традиција на пријателство и меѓусебно разбирање, е исто така значаен сојузник во пренесувањето на искуствата од пристапните преговори, во техничката помош, како и во спроведувањето на конкретни проекти поддржани со словенечки развојни средства: во енергетиката, дигитализацијата, образованието и локалниот економски развој.
Оваа плодна соработка е дел од една поширока, европска приказна за заеднички напредок, стабилност и споделени вредности. Уверен сум дека денешните разговори ќе придонесат за уште поинтензивна и покоординирана соработка меѓу трите земји, во духот на заедничката европска агенда. Република Северна Македонија останува посветен и доверлив партнер, ние како Влада сме решени да продолжиме со реформите и со активен придонес кон стабилноста, солидарноста и единството на Европската Унија.
Муртезани: „Блиската и плодна соработка со Австрија и Словенија е дел од една поширока европска приказна за заеднички напредок, стабилност и споделени вредности“
