Премиерот на Мароко, Азиз Ахануш, вчера повика на дијалог за да се прекинат протестите на младите ширум земјата, кои станаа насилни и во кои загинаа три лица, додека најмалку 640 се повредени.
Ахануш наведе во соопштение дека дијалогот е единствениот пат.
Тој истакна дека неговата влада се ангажирала во врска со барањата кои ги изразиле младинските движења и дека е подготвена за дијалог и дискусија.
Протестите, организирани од анонимната младинска група „ГенЗ 212“ преку ТикТок, Инстаграм и платформата Дискорд, започнаа во саботата со барања за подобро образование и здравствена заштита.
Стапката на невработеност кај младите во Мароко е речиси 36 проценти, додека кај дипломираните студенти е 19 проценти.
Немирите ескалираа во вторникот вечерта, кога демонстрантите нападнаа полиција и ограбија продавници, а властите соопштија дека 263 припадници на безбедносните сили и 23 цивили се повредени.
Најинтензивните судири беа регистрирани во градовите во близина на Агадир, каде што беа запалени општински згради, банки и автомобили, додека мирни протести се одржаа во Казабланка, Уеда и Таз.
Демонстрантите таму побараа оставка од премиерот Азиз Ахануш и крај на корупцијата.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека го поддржува правото на протест во рамките на законот и дека безбедносните сили ќе дејствуваат воздржано.
Групата „ГенЗ 212“ на социјалните мрежи објави дека го отфрла насилството и дека ќе продолжи со мирните протести.