Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати на предизборен митинг во Демир Хисар, истакнувајќи дека опозицијата, предводена од Венко, Али и Димче, се здружила за власт и поради патолошка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, граѓаните на овие избори имаат само две реални опции: коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со јасни резултати во изминатите 15 месеци, и „непринципиелната коалиција“ на СДСМ, ДУИ и Левица.
– Едната опција е коалицијата што се здружи на основа на желбата за власт по секоја цена и патолошка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Втората опција е коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Секој глас што ќе замине кон друга опција е фрлен и служи на некој што не му мисли добро на Македонија – рече Мицкоски.
Лидерот на владејачката партија потсети и на финансиските успеси на Владата, демантирајќи ги тврдењата на опозицијата дека се задолжиле идните генерации со 7-8 милијарди евра. Според него, јавниот долг во март 2025 година е намален на 4,7% во однос на бруто домашниот производ.
– Никогаш не го засрамивме вашиот образ кога станува збор за националните интереси. ВМРО-ДПМНЕ ја има честа да ги брани интересите на еден од најмалубројните народи во Европа. Показавме дека можеме да совладаме посилни противници кога сме обединети – потенцира Мицкоски.
На митингот, премиерот ги повика граѓаните да се обединат околу кандидатот за градоначалник Никола Најдовски и да обезбедат победа уште во првиот круг, нагласувајќи дека единството и поддршката се клучни за иднината на Македонија.