Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница во Собранието за пратенички прашања истакна дека за следната година главен фокус на Владата ќе бидат капиталните инвестиции и се очекува тие да бидат главен двигател во економијата.
Oваа година од 3% се дојде на 3,4% од БДП, а за третиот квартал се очекува и повеќе имајќи предвид дека само во градежништвото има раст поголем од 34% во реализација на инвестициите и на капиталните и на приватните инвестиции во третиот квартал.
– Нашата цел е да дојдеме до реален раст на БДП од 4% и повеќе во услови на ваква криза, посебно во автомобилската индустрија и во услови на геостратешките политички консталации не само во Европа, туку и пошироко. Целта е да дојдеме до номинален раст на БДП помеѓу 7,5% и 8% што веќе го правиме. Во првиот квартал беше 7,5%, а во вториот 7,8%. Ова е она кое претставува наша амбиција во ова време и да ги намалиме во тие услови, и јавниот и државниот долг – посочи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека ако ја гледаме 2025 година и додадената вредност која Владата ја креира во економијата и ако тоа се спореди со задолжувањата ќе се види дека тоа е во однос 2 спрема 1. Кога ќе прашаат каков е јавниот и државниот долг, одговорот е дека едниот е за скоро 2,8%, а другиот за 3,5% помал од тој што бил на крајот на 2024 година.
– Ако споредите со седум години СДСМ и ДУИ, ќе видите дека поголемо е задолжувањето отколку креираната додадена вредност во економијата. Тоа значи дека се задолжувале, а не создавале вредност, а ние во оваа година двојно повеќе создаваме вредност отколку што ја задолжуваме државата. Оваа влада домаќински се грижи за народните пари и може да ги планира соодветно, распределува, да инвестира соодветно за граѓаните да почувствуваат дека нешто на добро се случува во државата споредено со тоа како беше по принципот „како до сега“. И никогаш нема да ја научат лекцијата, им ги слушам пораките, дискусиите тука и сфаќам дека не сакаат да ја научат. Си кажуваат една работа, комотно им е тука во Парламент, убаво им е на малкумина без да водат сметка како е во државата и каква одговорност имаат што седат во овие пратенички клупи – потенцираше Мицкоски.
Тој нагласи дека главна цел на Владата е да ги реализира капиталните инвестиции и во таа насока, посочи дека сите капитални инвестиции кои се дел од општините и ги финансира централната влада, а вкупниот обем на тие, ако на тоа се додадат и програмите преку министерствата се доаѓа до бројка од половина милијарда евра, додавајќи дека дел се веќе завршени, дел во фаза на реализација. Тој очекува овие капитални инвестиции да бидат готови во 75% до 80%.
– Очекувам да бидеме при крај со автопатот Кичево-Охрид, во завршна фаза или најдоцна до првиот квартал во 2027 година. Имаме мал проблем со проектирање на косините кои треба да ја стабилизираат земјата за да не ни се свлече, за да нема инциденти. На линија сме со потпретседателот на Владата и жестоки сме со таа компанија која си игра мајтап со трпението и мислам дека треба да престанат да си играат мајтап и да го завршат тоа што требаше во февруари, па се продолжи до октомври и сега пак бараат рок до февруари. Жестоко работиме на реализација на коридорите 8 и 10д, очекувам да имаме огромен напредок, очекувам завршување на реализација на капитални инвестиции во други сегменти и отпочнување нови – изјави Мицкоски.



























