Македонската фудбалска репрезентација интензивно се подготвува за квалификацискиот дуел против Белгија, со мини подготовки што се одвиваат на комплекс терените на Фудбалската федерација на Македонија. Атмосферата меѓу играчите е одлична и сите се фокусирани на следниот важен натпревар.
– Знаеме против каква репрезентација играме. Се наоѓаме во последната фаза на квалификациите и покажавме дека знаеме да играме фудбал, што нè донесе до првата позиција во групата. Но, работата сè уште не е завршена. Не само дуелот со Белгија, туку и последните натпревари против Казахстан и Велс се од голема важност за нашата репрезентација. Првиот натпревар е против Белгија и ги познаваме нивните слабости. Ќе имаме поддршка од нашите навивачи, па гледачите ќе уживаат во одличен фудбал. Белгија е одлична репрезентација, со играчи кои настапуваат во топ пет лиги, но ние играме како тим и тоа го докажавме – изјави напаѓачот Бојан Миовски.
Нашата репрезентација утре ќе отпатува за Белгија, а натпреварот се игра во Гент во петок со почеток во 20:45 часот.
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI