Министерката за образование Весна Јаневска денеска изјави дека е премногу рано да се размислува за евентуално нејзино преземање на Министерството за здравство, во случај функцијата да се испразни по најавите дека актуелниот министер Арбен Таравари ќе ја напушти Владата.
Одговарајќи на новинарско прашање дали би прифатила да го води Министерството за здравство, Јаневска истакна дека тоа прашање е во надлежност на преговарачкиот тим на Владата и на премиерот.
– Владата има премиер, а има и преговарачки тим. Тоа е нивна работа, тие ќе кажат како ќе биде – рече министерката.
Таа додаде дека разговори на таа тема ќе се водат дури откако ќе дојде соодветниот момент.
– Сосема е рано да се размислува за такво нешто, ќе кажат тие што се одговорни, кога ќе дојде тој момент, тогаш ќе разговараме – истакна Јаневска.