Адвокатот Мирко Миличевиќ предупреди дека двајцата осомничени млади мажи за пожарот во облакодерот „Вјесник“ во Загреб, кои се сомничат дека намерно го запалиле објектот, би можеле „до крајот на животот да бидат во долгови“.
– Треба да се има предвид дека станува збор за млади полнолетници, што овозможува олеснување на казната. Сепак, поради тежината на делото, тоа можеби нема да биде применливо – изјави Миличевиќ.
Обврска која ќе ги следи до крајот на животот
Според адвокатот, штетата е премногу комплексна за да се решава во самиот казнен процес, па судот веројатно ќе ги упати оштетените во граѓанска постапка.
– Ако се докаже вина, имотот на осомничените може да биде оптоварен со обврска за надомест на штета, што ќе ги следи целиот живот.
Пожарот што го уништил загрепскиот облакодер „Вјесник“ отвори лавина на правни, морални и психолошки прашања.
Moзок во зона на ризик, возбуди и лајкови
Гордана Буљан Фландер, клинички психолог, за „Индекс“ оцени дека мозокот на адолесцентите „живее во зоната на ризик“.
– Кај младите е силен системот што бара припадност, возбуди и „лајкови“, а слабо развиен оној што ги согледува последиците. Ако не разговараме со нив, ако не им понудиме смислени активности, тие ќе ги бараат ризиците како начин на изразување – истакна таа.
Таа додаде дека децата во Хрватска се „декларативно важни, но суштински занемарени“.
– Имаме закони и протоколи, но децата ни ги воспитуваат алгоритми. Мораме веднаш да им понудиме бесплатни, креативни активности, особено во училиштата.
И возрасните сносат одговорност?
Буљан Фланер предупредува идека возрасните ја сносат пошироката вина за ваквите феномени во општеството.
– Не се грижиме за сопствената имотна и морална одговорност. Децата што часеви поминуваат на интернет велат дека би сакале да се дружат, а ние не им го овозможуваме тоа.
Таа заклучи дека објавувањето на имињата на осомничените средношколци „не служи за ништо друго освен за јавен линч“.
Зградата „Вјесник“ со години била оптоварена со долгови кон државата, добавувачи и јавни претпријатија, поради што неколкупати биле одложувани плановите за обнова и приватизација. Според најновите информации од 24 ноември, експертите се речиси едногласни дека објектот ќе мора да се руши поради тешките оштетувања на конструкцијата.




























