Израел врши „валкана работа“ за целиот Запад со напаѓањето на Иран, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц во интервју за јавната телевизија ЗДФ додавајќи дека има големо почитување кон Израел за неговата храброст во тоа.
Тој, исто така, нагласи дека би било добро ако иранскиот режим заврши, нарекувајќи го „терористички режим“.
Мерц доби коментар од Москва на неговото интервју. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи го обвини дека неговиот дедо бил нацист.
„Најстрашната фраза што некогаш сум ја слушналa. Ова го кажува потомок на нацисти, чиј дедо, Јозеф Пол Совињи, додека бил градоначалник на Брилон за време на Третиот рајх, именувал улици по Хитлер и Гебелс“, напиша Марија Захарова на Телеграм.
Таа забележа дека и Јоаким Мерц, таткото на сегашниот германски канцелар, се борел против Црвената Армија како член на Вермахтот.
„Истата Црвена армија што ги спаси затворениците од концентрационите логори од она што подоцна ќе се нарече Холокауст“, додава Захарова.