Маж рани 20 лица со огнено оружје на прометна улица во Сиднеј, соопшти полицијата во најнаселениот град во Австралија.
Напаѓачот вчера наводно случајно ги таргетирал автомобилите што минувале, вклучително и полициски автомобили. Тој испукал помеѓу 50 и 100 истрели, предизвикувајќи паника во областа.
Еден маж е во сериозна состојба. Неколку други се однесени во болница. Повеќето од другите жртви се повредени од скршено стакло.
Напаѓачот бил уапсен во стан во Сиднеј два часа по пукањето. Мажот, кој е во 60-тите години, бил однесен во болница откако се здобил со повреди за време на апсењето.
Масовните пукања се релативно ретки во Австралија. Автоматското и полуавтоматското оружје се забранети во земјата откако еден маж застрела и уби 35 лица во градот Порт Артур, на островот Тасманија, во 1996 година.